До завршувањето на Конкурсот за престижната поетска награда „Антево перо“, која се доделува за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик, преостануваат уште десетина дена.
Наградата востановена во чест на творештвото на Анте Поповски се доделува за необјавена поетска книга на македонски јазик, а според организаторите, конкурсот и годинава предизвикува и побудува добар одглас, кој се очекува да резултира и да ја збогати македонската продукција со повеќе нови, но што е уште позначајно, со поквалитетни и поуверливи поетски творечки наслови и дострели. Идентично како и во изминатите години, комисијата со задоволство ги евидентира пристигнатите дела од поетите од сите генерации, што само по себе значи дека и овој пат во целост е исполнета замислата со конкурсот, пред сѐ, да стимулираат творците да се остваруваат, да го негуваат и творат на македонски јазик.
Сите автори што во овој рок раководени од динамиката на мислата и својата креативност ќе успеат да ги заокружат своите најнови поетски сочиненија со испраќање на своите збирки на електронската адреса: [email protected], ќе бидат учесници на поетскиот натпревар за наградата востановена во чест на македонскиот поетски маг Анте Поповски.