Со традиционално испукување на плутони, прикажување на најновата воена опрема, показни вежби и со концерт на воениот оркестар и со музички ѕвезди, Армијата на Република Северна Македонија заедно со граѓаните вечерва на Воениот стадион во Скопје го прослави 30-годишниот јубилеј.
На манифестацијата присуствуваа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз, како и други гости.
На настанот организиран под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“ се прикажа најновата и најсофистицирана опрема на Армијата вклучувајќи ги и новите оклопни транспортери JLTV Oshkosh, вештините на армиските специјалци, како и презентација на вежба со армиски кучиња.
– Овој настан замислен е како начин на кој што го прославуваме Денот на Армијата кој всушност е утре, меѓутоа ова е ден специјално за граѓаните. Затоа е и направен овде на Воениот стадион затоа што е лесно достапен и сите граѓани може да дојдат. Изложена е најголем дел од опремата која ја поседува нашата Армија – истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на вечерашната изјава за медиумите.
Додаде дека станува збор за модерна софистицирана опрема, и дека досега се доставени вкупно шест возила.
– Тие се дел од големите планови за модернизација на нашата Армијата. Тоа се лесни оклопни возила кои се составен дел на вооружувањето на нашата Армија – изјави Петровска.
Таа информираше дека до крајот на оваа година ќе стигнат уште 27 исти вакви возила, а до 2028 треба да се испорачаат сите, со коишто ќе се заокружи комплетната бројка од 96 возила.
По презентацијата на воената опрема и воените вештини следуваше концерт на Воениот оркестар како и богата музичка програма каде што настапуваа Кики, Пере, Дац и Александар, „Ласт експедишн“, диџеј Бабура и танцовото студио „Еурека“.