Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека Русија мора „да сноси одговорност“ за „актите на терор“ во украинската нуклеарна централа Запорожје, која беше окупирана од руската војска и беше цел на напад за кој Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат.
-Денес окупаторите создадоа уште една многу ризична ситуација за цела Европа: двапати ја погодија нуклеарната централа Запорожје, најголемата на нашиот континент. Секое бомбардирање на оваа локација е бесрамно злосторство, акт на терор. Русија мора да сноси одговорност за создавање закана за нуклеарната централа – рече Зеленски во дневното видео обраќање.
Во нападот на нуклеарната централа оштетени се високонапонски водови, поради што еден од реакторите е исклучен.
МААЕ во вторникот предупреди дека ситуацијата во нуклеарната централа е нестабилна и „секој ден се поопасна“.