Враќање кон асномското јадро на социјалдемократите

Има ли шанса македонските социјалдемократи да се вратат кон асномското јадро? По 19 јули, едно е јасно, СДСМ дефинитивно раскрсти со сето свое историско бреме што го носеше уште од Сојузот на комунистите на Македонија, но, што е уште потрагично за таа партија, тие го изгубија и последниот потпорен столб како организација – АСНОМ, историското наследство на Народноослободителната борба на македонскиот народ и партизанската традиција. А, штом една партија ќе се испразни од причините за своето постоење, тогаш се претвора во друг тип на организација – банда, дружина, мафија и други извитоперени форми на човечко здружување. Не помнам дали во кратката македонска демократска историја досега се случило една партија да се откаже од самата основна идеја-водилка на своето постоење и да се претвори во сениште што ги уништува, гази и сотира своите идеолошки темели. Се случувало некои политички партии да изумрат, некои и ден-денес „одат како зомби“, но не се сеќавам на ваков драматичен пад.
Иако дејствува смешно и чудно од денешна перспектива, СДСМ навистина ги дочека демократизацијата и независноста како единствена државотворна партија. Не само тоа туку и самата македонска демократизација ја предводеше тогашниот Сојуз на комунистите на Македонија, подоцна со додавката Партија за демократска преобразба, а и раскинувањето на врските со Југославија, исто така, го започна тогашниот СКМ, како одговор на хегемонистичките тенденции на Слободан Милошевиќ за една поинаква Југославија. Со ова скорашно наследство, но и со историјата на единствена партија во македонскиот социјализам, филтер за селекција, промоција и кооптирање на целата македонска елита (политичка, бизнис, културна, административна, образовна и така натаму), СДСМ зачекори во 1990-тите години.

За разлика од другите политички партии, кои мораа допрва да ги бараат интелектуалните, историските и идеолошките причини за своето постоење, за СДСМ нештата беа едноставни – тие беа партијата што го носеше наследството на АСНОМ, на македонската државност, на изградбата на сите македонски институции по Втората светска војна, а тогаш и партија што покажуваше дека е способна да се приспособи кон предизвиците на времето, но и да се пресмета со црните петна од своето минато, почнувајќи од „волнените времиња“ по Втората светска војна, преку прогонот на „либералите“ од 1970-тите и пресметката со „техноменаџерите“, па до последните режимски злосторства од 1980-тите, како случајот против поетот Јонче Котевски, борбата против работничките штрајкови и против алтернативните движења.
Што е суштината на македонскиот патриотизам? Тоа беше судирот помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на македонската независност. Гласачите, симпатизерите и членството на СДСМ се поистоветуваа со асномскиот дух на македонскиот патриотизам, што значи дека се залагаа за еден отворен, космополитски и инклузивен патриотизам, кој поаѓа од зачувувањето на Македонија и на македонскиот народ како темел и основа, но целосно се отвора кон светот, кон глобалните предизвици, кон европската интеграција и кон соработката со сите народи и држави. Тој асномски дух на македонскиот патриотизам произлегува од партизанското движење, кое се издигна над мрачните етнички шовинизми на Балканот што доведоа до појавата на злосторствата против човештвото, концентрационите логори и колежи. Македонскиот народ, за време на Народноослободителната борба, им понуди на сите преостанати братски народи и народности соработка, почитување на секој посебен идентитет и изградба на Македонија, како заедничка држава на сите нејзини граѓани. Ете, токму тука некогашниот СДСМ го имаше својот темел, односно во еден македонски патриотизам што е разбран како државен, граѓански и уставен патриотизам, патриотизам што никого не загрозува и што е отворен секого да го вклучи во своите редови, без разлика на етничкото потекло, верата, јазикот, социјалната состојба и економските можности.

Исто така, придавката „социјалдемократски“ во името на СДСМ требаше да значи отвореност за сите и шанса за секого да дојде до израз во партијата и во Македонија. Во услови кога веќе беше извесно дека капитализмот ќе биде новиот економски систем и во земјите од поранешна Југославија, немаше позначајна улога за државата, од тоа да понуди колку што е можно поширока и погуста социјална мрежа, со цел да ги прифати и да им помогне на сите оние што нема да успеат да се снајдат во новите услови на живеење, работа и стопанисување. Тоа, секако, значеше и силно, стабилно и врвно јавно образование и здравство, како и сериозна професионална администрација. Да не зборувам, пак, колку за тогашната Македонија во зародок значеше искоренувањето на сите болести на непотизмот, кронизмот и корупцијата, кои однатре го разјадоа и некогашниот социјализам. Така, барем, во тоа време ја разбиравме социјалдемократијата, како идеологија што ќе промовира еден отворен, космополитски и инклузивен патриотизам, но и социјална држава што нема никого да заборави и која од петни жили ќе се бори за заштита на сите јавни добра.
За жал, некаде низ беспаќата на транзицијата, СДСМ стана целосна спротивност на социјалдемократијата, па партијата што не требаше да изгуби ниту еден од македонските избори, беше поразена на секое чесно одмерување на силите во демократски амбиент. На 19 јули 2022 година, СДСМ беше и дефинитивно погребен, по гласањето на неговите пратеници за предлогот Ковачевски -Петков, кај нас познат како „француски предлог“. Јас одамна немам никаков сомнеж дека целиот тим околу Зоран Заев не е способен да ја води државата или која било институција, а за карикатурата од премиер, наречен Димитар Ковачевски, не вреди ни да се трошат зборови. Во СДСМ останаа уште само еден грст поединци што се препознатливи во своите професионални средини, но, за жал, таму веќе нема ништо освен една фасада од партали и од картони.

Меѓутоа, урушувањето на СДСМ остави на македонската политичка сцена една голема празнина, која допрва треба да биде пополнета. Ќе биде мошне значајно да се изнедри едно ново политичко движење, кое ќе се потпре на некогашното асномско јадро на Сојузот на комунистите на Македонија, односно подоцна на СДСМ. Овие препознатливи ликови со години немаат веќе ништо заедничко со СДСМ, но потребно е да се артикулира нивната автентична македонска и патриотска политика, односно да си ја вратат киднапираната партија. Повторното раѓање на еден политички субјект што ќе го црпи своето идеолошко наследство од асномското јадро е насушно потребен политички процес за иднината на Македонија. Првите интелектуални никулци на едно вакво ново движење веќе ги видовме по неславното интервју на Зоран Заев за БГНЕС. Бранко Црвенковски го замрзна своето членство во партијата, а Илинка Митрева повика на нов конгрес на партијата (далеку претходно Благој Ханџиски предупредуваше каде тргнал Зоран Заев со неговите егзибиции). Сведочевме и на првите организациски никулци на едно вакво ново движење со победата на независниот социјалдемократски градоначалник Максим Димитриевски во Куманово и влезот на неколкуте независни социјалдемократски листи во советите на неколку општини во Македонија, од која највпечатлива беше листата на некогашниот пратеник Митре Велјановски во Охрид. На јулските протести во Македонија против „францускиот предлог“ гордо маршираа Весна Бендевска и голем број други социјалдемократи, а во свои настапи се јавија и Горан Минчев, Гордан Георгиев, Зоран Јовановски, Каролина Астеруд и Ана Павловска-Данева. Токму, пак, на овие страници Панде Колемишевски постојано повикува на обнова на асномскиот дух на македонскиот патриотизам и го брани наследството на „Нова Македонија“ од Горно Врановце. Токму овие ликови се остатокот од асномското јадро на СДСМ, кое Заев го потисна во партијата и кои се целосно исфрлени оттаму по гласањето од 19 јули.

ВМРО-ДПМНЕ не може да го привлече овој дел од гласачкото тело, кое се идентификува со филозофијата, идеологијата и наследството на СКМ, подоцна СКМ-ПДП и СДСМ од некои други времиња. Тоа не може да го стори ни Левица, чии приврзаници кројат една сосема нова приказна во македонската политика. Но за да може Македонија да го зачува обединувачкиот дух од јулските протести, сега е најзначајно да изникне едно ново политичко движење, кое ќе се повика на партизанското наследство на македонските социјалдемократи и ќе го зачува асномското јадро на партијата. Македонската борба во 21 век ќе биде многу полесна со таков силен нов сојузник во патриотскиот и во државотворниот блок.

Ивица Боцевски

(Оваа колумна ѝ е посветена на Илинка Митрева – жена борец, патриот и интелектуалец, која несомнено ќе беше корифеј во борбата за обнова на македонската државност и за одбрана на македонскиот идентитет)