Македонскиот првак Шкупи вечерва загуби од Динамо Загреб со 0-1 на националната арена „Тодор Проески“, со што е елиминиран од квалификациите за фудбалската Лига на шампионите со вкупен резултат од 2-3 во двомечот.
Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми беше стрелец на решавачкиот гол во 47-та минута. Искусниот играч за врска во првиот натпревар во Загреб забележа гол и асистенција. За гостите вечерва настапи и капитенот на македонската репрезентација Стефан Ристовски.
Шкупи му пружи силен отпор на фаворизираниот хрватски шампион, имаше и неколку изгледни прилики, но не успеа да направи изненадување.
Македонскиот првак ќе го продолжи настапот во Европа во квалификациите за Лига Европа, каде што ќе се сретне со ирски Шамрок роверс.