Фото: МИА

Пожарот на армискиот полигон „Криволак“ е реактивиран денеска попладне и поделен на три краци, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Во текот на вчерашниот ден, во утринските часови поради високите температури се случи пожар на отворен простор од пошироки размери во Армискиот воен полигон „Криволак“, Општина Неготино. Од 16.30 часот иако било дејствувано во повеќе наврати од страна на Армијата со поддршка од летала (хеликоптер), пожарот бил локализиран, но не и целосно изгасен – потсетија од ЦУК.

Денеска во 14.45 часот пожарот повторно се реактивирал, разгорел и проширил и веќе се поделил на три краци. Едниот се движел кон селото Пепелиште, Неготинско, вториот во правец на Богослове, штипски регион и третиот во атарот на aрмискиот полигон „Криволак“.

– Од извршената процена на терен од страна на ТПП Неготино, градоначалникот на Општина Неготино, како и претставници на други релевантни институции кои учествуваат во гасењето на пожарните дејствија, утврдена е потреба од асистенција и воздушна поддршка од летала. Од страна на градоначалникот на Општина Неготино, упатено е барање за хеликоптерска подршка. Центарот за управување со кризи во координација со Министерството за внатрешни работи во 8 часот, упатија летало (хеликоптер) од составот на Министерството за внатрешни работи, како поддршка на единиците на ТПП Неготино, ЈКП Неготино, ТПП Штип и АРМ во гаснењето на пожарот – се наведува во известувањето од ЦУК.


Се прошири пожарот кај селата Владевци и Трибичино

Пожарот што изби вчера во попладневните часови на територија на Општина Василево, кај селата Владевци и Трибичино, на висок и непристапен терен и ридско карпест релјеф обраснат со висока сува трева и нискостеблеста мешана шума, во текот на денешниов ден околу 13.30 часот поради силината и променливиот правец на ветерот повторно се разгорува и проширува, но не во правец кон селата, туку кон сртот на ридот и странично кон доловите, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи.

Според ЦУК, на терен во справување со пожарот се екипи на на ЈП „Национални шуми – Подружницата Струмица“, како и екипи на ТПП Струмица.

– Имајќи ги предвид условите каде во моментот е локацијата на пожарот, непристапниот терен, лошата патна инфраструктура, како можен пристап до локацијата на пожарот, дотурот на вода и можноста за пристап и гасење со специјализирани теренски возила, градоначалникот на општина Василево побара воздушна подршка во процесот на гасењето на пожарот – посочуваат од ЦУК.

Во координација со Центарот за управување со кризи, се посочува во известувањето, субјектите во Системот за управување со кризи, кои во својот состав располагаат со летала специјализирани и наменети за гасење на пожари, како и градоначалникот на Општина Василево, договорено е по соодветна претходна процена, согласно претходно јасно дефинирана потреба, во текот на утрешниот ден рано наутро кога температурите се ниски да се реализира воздушна подршка до моментот на целосна ликвидација на пожарното дејство.