Успеавме да се развиваме, но основите се секогаш исти. Без интензитет и без контрапресингот што го играме, тоа не е можно. Конзистентноста доаѓа од претсезоната, вели Клоп, кој рече и дека веќе го има тимот за следната сезона

СЕДМА СЕЗОНА НА ЈИРГЕН КЛОП НА ЧЕЛО НА ЛИВЕРПУЛ

Доколку не се случат повреди на некои клучни играчи или некаква неочекувана продажба, ние веќе го имаме тимот за следната сезона, вели менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, во интервју за „Скај спорт“, потенцирајќи дека не очекува нови засилувања летово. Ливерпул го собори клупскиот рекорд за трансфер летово со ангажирањето на Уругваецот Дарвин Нуњез од Бенфика, за 85 милиони фунти (100 милиони евра). Клоп е задоволен со тимот што се засили со Фабио Карвалјо и со Калвин Рамзи, од Фулам, односно од Абердин.
– Се надевам дека ќе нема поголеми промени, па навивачите на Ливерпул ќе можат да се фокусираат на други работи. За потенцијалните заминувања не сакам да зборувам. Што се однесува до нашите ривали, мислам дека досега не направија поголема грешка на трансфер-пазарот. Главната цел во оваа лига, пред сѐ, секогаш е пласман во Лигата на шампионите, што е навистина доста тешко. Кога ќе се достигне тоа, кога ќе имате уште време да се натпреварувате за титулата, го правите тоа. Кога ќе се квалификувате за тоа четири, пет години по ред, луѓето можеби повеќе нема да го ценат тоа, но тоа е голема борба. Сите сакаат да ја освојат Премиер-лигата, но немам поим кој ќе биде во трката. Сакаме да ја одиграме најдобрата можна сезона за нас – вели Клоп.
Клоп влегува во седмата комплетна сезона како менаџер на Ливерпул, а оттогаш клубот редовно е во конкуренција за титулата во Премиер-лигата.
– Многу работи се случија оттогаш, но фудбалските идеи не се променети. За среќа, успеавме да се развиваме, но основите се секогаш исти. Без интензитет и без контрапресингот што го играме, тоа не е можно. Конзистентноста доаѓа од претсезоната, така што мораме да достигнеме физичко ниво бидејќи потоа немаме многу време за тренирање. Најдобрите тренинзи што ги имаме во текот на сезоната се натпреварите, но целата екипа не игра секои три дена. Тие се предизвиците со кои постојано се соочуваме. За нас тоа е вообичаено, но битно е како играчите го сфаќаат тоа – вели Клоп.
Клоп со насмевка се присетува како се променил интензитетот на претсезоната од неговите играчки денови, кога аеробните вежби беа главни и кога работата со топката беше на последното место.
– Порано трениравме премногу. Беше неверојатно. Повраќавме по тренинзите. Спортската наука тоа веќе го знаеше, но тренерите не слушаа. Девизата беше повеќе е подобро и повеќе е повеќе. Трчавме како да се подготвуваме за маратон на олимписки игри. Тоа не беше многу корисно, така што многу повеќе ќе уживав во претсезоната што ја имаме денеска – вели Клоп.
Тој верува дека неговиот тим ќе биде успешен и следната сезона.
– Ако сте доволно паметни, можете да соберете информации за вашиот пораз, за да бидете подобри. Ништо немаше да биде поинаку ако ја освоевме Премиер-лигата или Лигата на шампионите. Ќе се обидеме да го искористиме сето тоа и да го анализираме на вистински начин – вели Клоп. Л.Д.