Ериксен доживеа срцев удар на меч, му беше вграден пејсмејкер, но ги надмина сите очекувања и се врати на теренот
ФУДБАЛ
Враќањето на Данецот Кристијан Ериксен на фудбалот на највисоко ниво, е една од најголемите и најпријатни приказни од таков вид. Пред нешто повеќе од една година, Ериксен доживеа срцев удар на натпреварот Данска – Финска на Европското првенство (ЕП), по што му беше вграден кардиовертер-дефибрилатор (ИЦД), еден вид пејсмејкер. Поради тоа предвреме го раскина договорот со Интер во декември, бидејќи играчите со ИЦД не можат да играат во Серија А. Сепак, Ериксен (30) ги надмина сите очекувања и се врати во Премиер-лигата, во Брентфорд. Во минатите шест месеци играше повеќе од добро и сега е пред ангажман во Манчестер јунајтед и пред ново поглавје во кариерата. „Би-би-си“ направи листа со други играчи што му се вратија на врвниот фудбал по тешки повреди или болести.
ЈОНАС ГУТИЕРЕЗ: Ако ова беше заплет за филм, повеќемина веројатно ќе речеа дека е неверојатно. Аргентинецот имаше третман за рак на тестисите во октомври 2013 година и беше надвор од тимот на Њукасл 18 месеци. Но закрепна и одигра клучна улога во битката за спас во Премиер-лигата во 2015 година, постигнувајќи гол за победа против Вест хем во последното коло.
ЕРИК АБИДАЛ: Поранешниот лев бек на Франција и на Барселона не само што закрепна од туморот на црниот дроб туку по два месеца го крена и победничкиот пехар во Лигата на шампионите (ЛШ), во мај 2011 година. Два месеца порано, тој имаше тричасовна операција за отстранување на туморот, но толку брзо закрепна што го одигра целиот натпревар Барселона – Манчестер јунајтед (3-1). Следната година Абидал имаше трансплантација на црниот дроб и остатокот од сезоната го помина закрепнувајќи. Потоа играше уште две сезони во Монако и во Олимпијакос, каде што се пензионира во 2014 година.
ПЕТР ЧЕХ: Еден од најдобрите голмани во ерата на Премиер-лигата беше блиску до смртта во 2006 година кога ја повреди главата и имаше фрактура на черепот во судирот со Стивен Хант од Рединг. По операцијата, тој рече дека воопшто не се сеќава за инцидентот. По само три месеца се врати на теренот носејќи заштита на главата. Потоа тој освои четири титули во Премиер-лигата, по една во ЛШ и во Лига Европа, четири ФА и три Лига-купа итн.
РАУЛ ХИМЕНЕЗ: Како и Чех, и напаѓачот на Вулверхемтон, имаше фрактура на черепот, во судир со дефанзивецот на Арсенал, Давид Луиз во ноември 2020 година. Лекарите што му дадоа кислород на теренот пред да биде изнесен на носилки, рекоа дека е „чудо“ што го преживеал ударот. Тој имаше шестмесечна забрана да тренира и беше подложен на опсежни когнитивни тестови за да се осигури дека може да продолжи да игра професионално. Осум месеци по повредата, тој се врати на почетокот од сезоната 2021/2022.
ЏИБРИЛ СИСЕ: Поранешниот француски репрезентативец, кој настапуваше за Ливерпул, Сандерленд и за Квинс парк, имаше две сериозни скршеници на ногата. Првата на 19-от настап за „црвените“ во октомври 2004 година. Се очекуваше дека ќе биде надвор од терените до крајот на сезоната, но пред предвиденото, во април 2005 година, се врати. По нешто повеќе од една година, тој ја скрши другата нога на последниот подготвителен натпревар на Франција пред СП 2006, но се врати на теренот во декември 2006 година.
САНТИ КАЗОРЛА: Тешката повреда на Ахиловата тетива не само што се закануваше со предвремен крај на неговата кариера туку во прашање беше и дали ќе може да оди. Следуваа 11 операции, од кои едната доведе до гангрена по што на Казорла му беше кажано дека треба да биде „задоволен“ ако успее повторно нормално да оди. Во 2014 година целосно му беше реконструирана Ахиловата тетива, а во 2018-та играше за Вилјареал. Л.Д.