Награден квиз
Летото е време за забава и одмор, но и за читање лектири и нови, интересни книги. Едно од оние дела што не смеете да ги пропуштите и најновата книга за деца и млади на истакнатиот босански писател Бајрузин Хајро, со наслов „Тајните на дедовата воденица“, која на македонски ја преведе поетот Наум Попески, а рецензент е проф. д-р Ферид Мухиќ.
Тој во својот осврт, меѓу другото ќе рече:
„Раскажувачкото мајсторство на Бајрузин Хајро Плањац во извонредниот превод на Наум Попески на македонски јазик ферментира и дозрева во поетична и возбудлива приказна за детството. Приказна која ќе ги израдува децата, разнежни возрасните, а и на едните и на другите ќе им помогне поубаво да се разберат и уште повеќе да се засакаат“.
Според Попески, пак, станува збор за една бајковита приказна, сликовито објаснета во овој роман, која понесува со својата едноставност, со својата топлина и љубов кон родниот крај.
Драги деца, ако сакате и вие да ѕирнете во детството на писателот Бајрузин Хајро Плањац, ќе треба да одговорите на едно наградно прашање:
На што работи воденицата: на сонце, на воздух или на вода?
Ќе наградиме тројца од вас што ќе одговорат точно со по еден примерок од книгата „Тајните на дедовата воденица“.
Одговорите и личните податоци испратете ги на е-адресата: [email protected]
Ве очекуваме!