Балкански писатели за млади во „Колибри“: Александар З. Јањушевиќ
Драги наши верни читатели на „Колибри“, денеска повторно се дружите со рубриката Балкански писатели за деца во „Колибри“. Денеска ви ја претставуваме песната „Од дождот се расте“ од истоимената стихозбирка на авторот Александар З. Јањушевиќ, од градот Крагуевац во соседна Република Србија.
Секоја песна од оваа збирка е илустрирана со цртежи, чии автори се децата од претшколските и школските установи во Крагуевац.
Разноличноста на темите ја прави оваа книга интересна и забавна. Поетот Јањушевиќ на читателите им порачува убавината да ја бараат во малите нешта, во природата, во сѐ што нѐ опкружува, а особено во мечтите, во фантазијата.
Тој за себе вели дека е три личности во телото на еден човек.
– За правник се школував, излетите во новинарството се нешто што ми е интересно, а сѐ повеќе верувам дека како поет се родив. Само што патот до себеспознанието кај мене беше подолг. Инаку, сите мои досега објавени книги се слични, па затоа можеби ќе звучи нескромно ако кажам дека изградив некој сопствен стил, по кој моите верни читатели ме препознаваат. И горд сум и на тоа што моите песни со ист жар ги читаат и младите и старите. Едните ги воведувам во животот, а другите ги враќам во детството – ќе рече Јањушевиќ.
Според овој автор, писателите за деца имаат неисцрпен извор на инспирација.
– Каде и да се заврти поетот за деца може да напише стих. Тоа шаренило од бои и идеи е нешто што ги обојува детствата на новите генерации. Природа, љубов, игра, другарство, светот на животните… Списокот е неограничен. И темите што ги обработувам во моите емисии се врзани за децата. Се трудам да проследам многу случувања во кои учествуваат децата, од карневали, фестивали, натпревари, концерти… Често со нив разговарам на различни теми, а гости ми се и писатели, артисти, уметници, со нив разговарам за детството – вели тој.
Инаку Александар (Здравко) Јањушевиќ е роден во 1975 година во Крагуевац. Тој е познат, признаен, ангажиран и наградуван српски поет и прозаист за деца. Автор е и водител на емисиите за деца под наслов „Голем одмор“. Член е на книжевниот клуб „Абрашевиќ“ во Крагуевац. Досега ги објавил и книгите „Борис“, „Децата нека бидат деца“, „Каде спие сонцето?“, „Кога ќе пораснам ќе бидам мал“, „Мајка ми се плаши од мостови“, „Борба за пролетта“ и други.
Ф.Д.
ОД ДОЖДОТ СЕ РАСТЕ
Не бегај под чадорот
и не барај стреа
па не си од шеќер
капките ти се смеат.
Што ако те избањаат
тие тоа го можат
дождовните капки служат
за со децата да се дружат.
Со устата лови ги
лицето нека ти го мијат
насмевката на твоето лице
секоја грижа нека ја брише
секоја дождовна капка
радост во тебе нека испише.
Слушнете го советов,
сите здрави да сте
не бегајте од дождот
од дождот се расте!
Александар З. Јањушевиќ
Препев од српски на македонски јазик:
Филип Димкоски