МНОГУБРОЈНИ ШТЕТИ НА ВОДОВОДНАТА, АТМОСФЕРСКАТА И КАНАЛИЗАЦИСКАТА МРЕЖА ВО БУТЕЛ
Старо-новата „спортска“ дисциплина во крадење капаци од шахти и оштетување на водоводната опрема во градот никако да престане и покрај многубројните апели од страна на надлежните. Овој пат чинот на вандализам се искачи на повисоко налудничаво ниво, бидејќи изминативе денови, освен украдени капаци, беа регистрирани и случаи на подметнување пожари во внатрешноста на инсталациските канали. Со каква цел или мотиви се пали оган во внатрешноста на инсталациите, сѐ уште не им е јасно на надлежните.
КОЈЗНАЕ ПО КОЈ ПАТ УКРАДЕНИ КАПАЦИ ОД ШАХТИ
При рутинска контрола и проверка на атмосферската канализација од страна на екипите на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, викендов биле забележани повеќе oштетувања на атмосферската канализација во општината Бутел.
Како што информираат од претпријатието, на улицата Александар Урдаревски, кај мостот на реката Серава, откриле вандалски чин што предизвикал голема штета за претпријатието, но и за самите граѓани, а претставува и голема опасност по нивната безбедност.
– При проверката на оваа линија беше установена кражба на капаците на шахтите, опожарување на шахтите, но и на самите цевки што се дел од атмосферската канализација. Веднаш по овие сознанија, случајот беше пријавен во Општина Бутел и во МВР од каде што беше извршен инспекциски надзор и случајот беше заведен од страна на надлежните институции – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека екипите веднаш ја оспособиле атмосферската канализациска линија, со дијаметар на цевката ф1000 мм и обезбедиле непречен проток на атмосферска вода во неа.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во однос на овој случај по службена должност ќе поднесе две пријави за сторено злодело, една за кражба и една за опожарување. Јавно и строго го осудуваме ваквото неодговорно однесување на групи поединци, кои нанесуваат штета не само на претпријатието туку и на граѓаните на градот Скопје и претставуваат опасност за околината – нагласуваат од јавното претпријатие.
МНОГУБРОЈНИ ИНЦИДЕНТИ
За жал, ова не е прв случај во кој водоводното претпријатие претрпува штета, иако досега тоа се манифестираше најчесто преку крадење на капаците на шахтите. Поголема ваква кражба, претпријатието евидентира пред само шест месеци, во јануари, кога беа украдени повеќе од десет решетки од сливници и капаци од шахти на улиците Финска и Среќко Пужалка.
Најчести жртви на отворените шахти се малите деца, затоа што при играње и трчање честопати не ги забележуваат дупките. За среќа, нема посериозни здравствени последици по дечињата. Секако, страдаат и возачите, велосипедистите, па и постарите граѓани, кои не ги забележале отворените дупки.
– Малите деца никогаш не внимаваат каде трчаат и тоа е најголемиот проблем за нас родителите. За жал, последиците од крадењето на капаците воопшто не ги загрижуваат крадците. Благодарение на нивното неодговорно однесување се ризикуваат животите на децата и на постарите лица, а и многумина од возачите претрпуваат финансиски штети за да ги поправат своите возила, доколку со тркалото пропаднат во отворената шахта – револтирано вели Милан Димовски.
И граѓаните, кои поради сплет на околности паднале во отворени шахти, велат дека, за среќа, не им се случиле посериозни последици, иако заработиле гребаници по рацете и нозете.
– Лично јас паднав, воопшто не забележав дека шахтата е отворена. За среќа, успеав да се задржам со рацете, меѓутоа, целата бев во гребаници и модринки и сето тоа поради несовесни и крајно неодговорни поединци, кои мислат дека со крадењето и продавањето на капаците од шахтите ќе се збогатат – вели Бисера Трајановска, жителка на Скопје.