Како Обединетото Кралство ја поби тезата на неофункционализмот за Европската Унија

Политичкиот театар изобилува со многу парадигми за смислата на меѓународното општество, а во центарот на дебатата во различни периоди се одвиваа различни мисловни битки за тоа каков треба да биде неговиот изглед. И додека интелектуалците ги истражуваа урнатините на Европа по двете светски војни, се чини дека на пиедесталот, всушност, беше дебатата за успехот и интеграцијата на неофункционализмот во новонастанатите држави.
Низ годините идејата за Европската Унија се соочи со безброј кризи што ги доведоа во прашање нејзината позиција во светот, начинот на нејзиното одлучување и нејзините идни перспективи. Но токму поради тоа што Обединетото Кралство е и првата земја што ја напушти Европската Унија и е пример без преседан, нам ни е од особена важност да разгледаме како таа пркосеше на сите обиди да ѝ се намали нејзината самостојност.
Гледајќи низ призмата на неофункционализмот како теорија за европска интеграција се јавува Обединетото Кралство, кое во своето 47-годишно членство во Европската Унија постојано ги побиваше неговите премиси на постоење. Доколку ги земeме предвид Договорот за слободна гранична зона на шенген, Договорот за единствена валута и монетарна унија и членот 50 од Договорот на ЕУ за откажување од членство, ќе воочиме дека Обединетото Кралство ја искористи можноста за сите овие исклучувања.

Тие се откажаа од Шенгенскиот договор од 1999 година според Договорот од Амстердам, од единствената валута и монетарната унија според Договорот од Мастрихт и спроведоа референдум за да го активираат членот 50 од Лисабонскиот договор.
Условите во Европа сѐ уште се невообичаено поволни за генерирање и прелевања на авторитетот од една функционална арена во друга, од пониски кон повисоки нивоа. Токму тоа ја објаснува причината за популарноста на оваа теорија. Во основа, оваа теорија го гледа феноменот Европска Унија како еволутивен процес и поставува три етапи на менување на системот преку кои ќе се постигне целосна интеграција.
Првиот чекор претставува ефектот (spillover). Преку ефектот на прелевање се претпоставува дека воспоставувањето иницијална успешна економска соработка ќе предизвика соработка и во другите меѓузависни сектори. Движењето на стока во меѓузависните пазари, во еден момент започнува да подразбира и движење на работната сила. Кога работната сила почнува да мигрира, потребно е супранационалните актери да развијат компатибилност меѓу државите, односно да се достигне слично ниво на развој.
Оваа компатибилност е насочена кон стандардизација и квалификација, координирање и хармонизација на различни сектори засегнати од процесот: образование, законодавство, политики, здравство.
Уште од самиот почеток, Обединетото Кралство ја побива неговата прва премиса, односно се спротивставува на соработката во економскиот сектор. И пред да се случи брегзит, Обединетото Кралство беше една од најзначајните членки на Европската Унија што одлучи да не го користи еврото како своја валута според Договорот од Мастрихт. Таа 47 години во Европската Унија ја користеше фунтата стерлинг на Банката на Англија како нејзина национална валута.

Обединетото Кралство одлучи да не се откаже од својата каматна политика и удобноста на девизниот курс. Иако поради брегзит се соочува со сериозни економски последици, сериозен аргумент за неуспехот на еврозоната во иднина е фактот што Европа доживува економски пад како никогаш досега, па со тоа на долги патеки загубите на Обединетото Кралство би биле минимални во споредба со загубите што може да ги доживеат земјите од Европа.
Иако неофункционализмот може да објасни како и зошто се појавила еврозоната, кризата во еврозоната во последните три години претставува одлична тема за критика. Според неофункционализмот, постоењето на заедничка валута бара заедничка политика во однос на трошењето.
Но поединечните членки на еврозоната никогаш нема да се согласат на заедничка политика на трошење, бидејќи послабите членки на еврозоната ќе бидат принудени да позајмуваат кредити по високи каматни стапки, ќе имаат слаб пазар на обврзници и ќе бидат неспособни да се одбранат со девалвација на нивната валута. Обединетото Кралство остана имуно на сите видови на ефектот на прелевање во монетарниот сектор и се заштити од сите негативни економски појави. Вториот чекор што според неофункционализмот треба да се преземе е воспоставувањето супранационален институционален дизајн. Воспоставувањето супранационални институции е од голема важност, особено во моменти на несогласување помеѓу земјите-членки. Државите би биле принудени да ги почитуваат правилата дури и кога тоа индивидуално нема да им одговара.
Неофункционализмот ја пропагира тезата дека државните актери имаат свој корпус на надлежности, но тие не треба да се доминантни. Тие треба да функционираат во хармонија со супранационалните актери, а за граѓаните е потребно и полезно доколку има плурализам на актери, вредности и институции.

Преку воспоставувањето на шенген-зоната со Договорот од Амстердам и правилата за контрола на надворешните граници и борба против криминалот, преку зајакнување на заедничкиот судски систем и полициската соработка, Европската Унија успешно се разви како супранационална сила. Во шенген-зоната место земаат и земји што не се членки на Европската Унија, со што се зајакнува супранационалното влијание.
Со оглед на желбата на Британија да ја одржи сопствената гранична контрола, таа се откажа од Шенгенскиот договор во 1999 година со Договорот од Амстердам. Оваа ситуација претставуваше проблем за туризмот, пред сѐ поради намалената стимулација за вадење виза кај граѓаните од другите држави. Едно од решенијата за решавање на овој проблем беше можноста Британија, Ирска и земјите од шенген-зоната да се договорат за „заемно признавање“ на визите што ги издаваат, без Обединетото Кралство или Ирска да мораат да ги укинат граничните контроли.
Но воопшто пред да се разгледа можноста за овој договор, Обединетото Кралство ја напушти Европската Унија, со што стави крај на секоја идеја за какво било олеснување.
Третиот чекор е потребата од постоење општествени елити што притискаат кон сѐ поголеми интеграции, но не затоа што веруваат во обединувањето – туку затоа што почитувањето на правилата носи максимизирање на нивниот профит и благосостојба. Со тоа тие развиваат сѐ поголема лојалност кон супранационалните институции. Неофункционализмот вели дека тоа претставува рационалистичко-бихевиористичко однесување на општествените групи, кои секогаш имаат свои желби.
Референдумот во Велика Британија за напуштање на Европската Унија ни покажа дека општествените елити не секогаш се согласуваат со тоа дека интеграцијата кон Европската Унија им нуди поголема благосостојба. Прашањето да се „остане“ или да се „напушти“ Европската Унија засегаше и многу други прашања, како на пример диспаритетот на мислењето во урбаните наспроти руралните средини, образовната и старосната структура на населението, како и идеологијата, која често беше помалку либерална.

Референдумот беше резултат на силата на општествените елити и значителен број познати политичари, кои беа опкружени со новинари и познати стопанственици што ја водеа целата брегзит-кампања. Џејмс Дајсон и Џим Ретклиф го бранеа ставот дека Обединетото Кралство ќе има поголема корист доколку си постави независна и сопствена трговска политика и дека напуштањето на Европската Унија нема да пречи врз пазарот.
Но во реалноста, брегзит ја намали трговската отвореност на Обединетото Кралство и го намали приливот на странски директни инвестиции. Ова ни предочува дека општествените елити и истакнати личности од бизнис и од економските сектори не секогаш можат точно да го предвидат ефектот од некоја промена. Дополнително на тоа, тие не можат со сигурност да гарантираат сигурен пазар и поголем профит, како и придобивка на други економски добра.
Тоа го става Обединетото Кралство во исклучително тешка позиција во овие моменти, чиј епилог може да биде исклучително добар за разлика од другите земји во Европа, но и исклучително погубен за британската економија.
Иако Европската Унија настојуваше религиозно да го следи патот на неофункционализмот, онака како што беше претставен од Ернст Б. Хас – брегзит претставува директна критика на неофункционализмот. Ретроспективно гледано, Европската Унија стана прагматична кон целта за регионална интеграција онака како што ја проповедаше неофункционализмот.
Се докажува дека интеграцијата е дијалектички процес, кој е подложен на динамика и на противтежни сили, процес што нема да се одвива стабилно, автоматски и линеарно.
Обединетото Кралство ни го покажа токму тоа дека ниту една теорија не е доволна да го објасни комплексниот однос меѓу државите, како и европската интеграција, а неофункционализмот повеќе не е теорија sine qua non за интеграција на државите во големото европско семејство.

ЗОРАНА АНТОВСКА

(Авторката е дипломиран политиколог)
respublica.edu.mk