Без рускиот природен гас, Германија ќе се соочи со енергетска криза. Покрај јагленот, нуклеарните и обновливите извори на енергија, како и хидрауличното фрактурирање, се најреални и најеколошки опции за моторот на Европа, анализира Џенет Цвиенк од „Дојче веле“
Активирање кризни планови за можната претстојна енергетска криза
Додека Германија се обидува да најде начин да ја намали зависноста од руски природен гас, државата најави дека ќе влезе во втора „алармантна“ фаза од нејзиниот трифазен кризен план за резерви на гас, што веројатно ќе доведе до повисоки цени за потрошувачите. Третата фаза може да вклучува рационализирање на потрошувачката. Енергетската криза може да има уште потешки последици за индустријата и потрошувачите наесен. Можните решенија вклучуваат набавка од други извори, вклучувајќи и течен гас, штедење на потрошувачката и користење на јагленот во поголем степен. Во исто време, неолибералните Слободни демократи, најмалата партија во владејачката коалиција на германската влада, бараат германските нуклеарни централни да останат подолго во функција и да се укине забраната за екстракција на природен гас преку процесот познат како хидраулично фрактурирање. Но која од овие мерки всушност ќе помогне за да се спречи претстојната енергетска криза и како тоа ќе се одрази врз климата и животната средина?
Дали Германија треба да ги остави во функција нуклеарните централи?
Во моментов, само три нуклеарни централи сè уште се приклучени на мрежата во Германија. Тие треба да бидат затворени до крајот на 2022 година, како дел од целосното повлекување на земјата од овој извор на енергија. Здружението на индустријата за нуклеарна енергија смета дека е изводлива набавката на нови горивни прачки, но најрано до есента 2023 година. Но има уште еден проблем. Германија добива 20 отсто од ураниумот од Русија, а уште 20 отсто од Казахстан, кој исто така е во сферата на влијание на Русија. Тоа значи дека ќе треба да се најдат алтернативни извори. Дополнително, ќе бидат потребни децении за да се изградат нови нуклеарни централи. Покрај тоа, постојните централи генерираа вкупно околу 34,5 терават-часа или 34,5 милијарди киловат-часа електрична енергија во 2021 година. За споредба, трипати повеќе беше произведена ветерна енергија. Иако не се ослободува јаглерод диоксид кога се користи нуклеарната енергија, ископувањето ураниум создава радиоактивен отпад.
Околу пет отсто од германските потреби за природен гас се произведуваат дома, со дупчење во наоѓалишта на песочник. Според германската федерална асоцијација за природен гас, нафта и геоенергија (БВЕГ), во моментов сè уште има обезбедено резерви од 32 милијарди кубни метри, што е еквивалент на околу 320 терават-часа енергија. Германскиот федерален институт за геонауки и природни ресурси проценува дека околу 450 милијарди кубни метри природен гас се чуваат во јагленовите наоѓалишта и уште 2.300 милијарди кубни метри во карпите од шкрилци. Екстракцијата би била можна само преку хидраулично фрактурирање. Но процесот е забранет во Германија, врз основа на тоа што хемикалиите што се користат во процесот ги загадуваат животната средина и подземните води. Дури и да се укине забраната, германскиот гас добиен од овој процес сè уште нема да биде достапен оваа зима, па дури ни следната.
Дали ветерната и соларната енергија се краткорочно решение?
Во април, германската влада воведе амбициозен пакет на нови правила за проширување на обновливите извори на енергија, но тие сè уште не се формално воспоставени. Во моментов, проектите за ветерна енергија со вкупна моќност од околу 10.000 мегавати се во процес на одобрување. Но, во просек, процедурите траат шест години по турбина на ветер, така што до есен нема да има доволно нови. Слично е и со сончевата енергија. Иако фотоволтаичните и соларните термални системи можат релативно брзо да се произведуваат и стават во функција, индустријата сè уште страда од прекинати синџири на снабдување како резултат на пандемијата. Се проценува дека на повеќе од илјада постројки поставени на комерцијални локации во моментов не им е дозволено да внесуваат електрична енергија во мрежата, бидејќи условите за тоа беа променети пред две години. Од германското здружение за биогас велат дека постројките за биогас може брзо да го зголемат своето производство од 95 на 120 терават-часа годишно. Под соодветни услови, би било можно да се достигне повеќе од 230 терават-часа годишно до 2030 година, што одговара на 42 отсто од сегашните испораки на природен гас од Русија.
Според Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), руските енергетски резерви може да се заменат на краток рок со користење повеќе јаглен. Тоа ќе бара електроцентралите на лигнит и на тврд јаглен што се во моментов во функција да произведуваат повеќе електрична енергија. Покрај тоа, ќе треба повторно да се стават во функција затворените електроцентрали. Германското министерство за економски прашања и климатски активности веќе ги повика операторите на електроцентралите да бидат подготвени да ги стават наскоро во функција. Во зависност од тоа колку енергија може да се заштеди, ДИВ пресметува дека ќе бидат потребни од 41 до 73 терават-часа енергија на јаглен во 2023 година.
Намалување на потрошувачката
Сите надлежни германски институции се согласни дека резервите на руски природен гас не може целосно да се заменат со други извори на енергија. Оттаму велат дека севкупно мора да се троши помалку енергија. Едно од решенијата е заштеда во загревањето на просторот. Трговијата и услужниот сектор може да заштедат до 10 отсто од потрошувачката, додека приватните домаќинства би можеле да заштедат до 15 отсто. За да се намали побарувачката на енергија, институциите порачуваат дека е потребно што побрзо да започнат кампањи за заштеда на енергија. Дополнително, мора многу брзо да се спроведат мерки за да се зголеми енергетската ефикасност и да се олесни преминувањето на обновлива топлинска енергија, заедно со топлинските пумпи.