Жена нападната во темна уличка е честа филмска сцена. Се тврди дека повеќето силувања се извршени од непознати лица. Други митови велат дека „вистинската“ жртва веднаш го пријавува нападот и дека ако го стори тоа, сторителот ќе биде фатен лесно. Се тврди и дека ако жртвата навистина не сакала однос, тогаш ќе се борела, а ако не се сеќава добро, тогаш можеби силувањето и не се случило. Тоа се митовите, а реалноста е многу посурова
Секоја недела има нови случаи на силување или нови познати личности што ќе проговорат за сексуалното насилство, а потоа ќе станат цел на критичарите. Сепак, погрешното сфаќање на природата на сексуалното насилство води до искривени мислења што дополнително може да го поттикнат чувството на срам, вина и самообвинување кај жртвите. Честите митови за силување и сексуални напади исто така го нарушуваат објективното оценување на фактите од страна на судиите кога таквите случаи завршуваат на суд. Во продолжение се наведени пет најчести мита и фактите што се кријат зад нив.
1. Повеќето сексуални напади се извршени од непознати лица
Приказната за жена што е жртва на сексуален напад додека минува низ темна уличка е честа слика во филмовите. Но во реалниот свет, силувањата и сексуалните напади многу почесто се случуваат дома или сторителот е некој познат. Во Англија, Велс и во Австралија речиси 20 отсто од жените биле жртва на сексуално насилство барем еднаш во животот. Истражување за сексуални насилства во САД направило слична процена, дека 20 отсто од жените и 1,4 од мажите биле силувани.
Но во Британија, друго истражување откри дека сторителот бил непознат само во 10 отсто од силувањата и сериозните сексуални напади, додека во 56 отсто од случаите се работело за партнерот на жртвата, а во преостанатите 33 отсто се работело за пријател, познаник или друг член на семејството.
2. „Вистинската“ жртва веднаш го пријавува силувањето
Според податоците на британското министерство за внатрешни работи, 46 отсто од регистрираните силувања биле пријавени истиот ден кога се случиле, додека 14 отсто од жртвите чекале повеќе од шест месеци да пријават дека биле нападнати. Ако жртвата била дете, шансите за одложување биле уште поголеми. Само 28 отсто од тие на возраст под 16 години пријавиле напад на денот кога се случил, додека една третина чекале подолго од шест месеци.
Ова се однесува само на напади што биле пријавени, но има многу што се прикриваат. Во САД, истражувањата проценуваат дека два од три сексуални напади никогаш не се пријавуваат. Постојат многу причини зошто некои лица одложуваат или никогаш не пријавуваат, како што покажа хаштагот на Твитер #ЗоштоНеПријавив. Никол Вестмарленд, директорката на Истражувачкиот центар за насилство и злоупотреба при Универзитетот во Дурам, Британија, истакна дека има различни причини.
– Многу не пријавуваат затоа што не сакаат сторителот да оди во затвор, можеби затоа што се заљубени во него или е член на семејството, или е партнер од кој зависат финансиски. Друга честа причина е дека не сакаат да го уништат животот на тоа лице – вели таа и додава дека дури и во такви случаи не постојат докази што го поврзуваат времето на пријавување со веродостојноста на нападот.
3. Ако е пријавено веднаш, лесно може да се гони сторителот
Точно е дека на жртвите на силувања и сексуални напади што брзо пријавуваат има поголеми шанси да им биде направен форензичко-медицински преглед, кој вклучува земање брис и примероци од телото за да се идентификува изворот на сперма, плунка или ДНК. Иследниците проверуваат дали постојат физички повреди, како исеченици, гребаници или модринки, што можат да ги поткрепат тврдењата за насилство.
Но физичкиот преглед не значи дека сторителот може да биде фатен и приведен или дека ќе се отвори истрага, како што покажуваат стотиците илјади примероци од прегледите неиспитани во полициските станици или во форензичките складишта во САД. Физичките докази не се од голема помош ако лицето што е обвинето е партнер или близок познаник. Вестморленд вели дека повеќето случаи денес не се сведуваат на тоа дали имало сексуален однос или форензички докази за него, туку тие се сведуваат на тоа дали сексуалниот однос бил консензуален.
Според податоците на британското министерство за внатрешни работи, 26 отсто од силувањата и тешките сексуални напади што биле пријавени истиот ден резултирале со обвинение, но шансите се намалуваат до 14 отсто ако поминат еден или повеќе денови. Тие што го пријавиле кривичното дело на денот на извршувањето имале значително поголеми шанси нивниот случај да стигне до суд, иако немало голема разлика ако жртвата била под 16 години. Во САД, истражувањата открија дека само 18 отсто од пријавените силувања резултирале со апсења, а два отсто со пресуда.
4. Ако „навистина“ не сакале, ќе се спротивставеле
Луѓето имаат различни ставови за силувањето и за сексуалниот напад. Во нејзината книга од 2008 година, „Сериски жртви“, криминологот Џен Џордан од Универзитетот во Велингтон ги опишува разните техники што ги користеле 15 жени што сексуално биле нападнати од ист маж, некои се обиделе да зборуваат со него, други се бореле, трети се обиделе ментално да се оттргнат од ситуацијата – процес што психолозите го нарекуваат „дисоцијација“.
Друго истражување во кое биле разгледани 274 полициски извештаи од САД откри дека само 22 отсто од жртвите се спротивставиле на силувањето со врескање и со борба. Мнозинството (56 отсто) се обиделе да ги молат сторителите, додека други пријавиле дека „се парализирале од страв“. Разни сценарија помалку или повеќе биле ефикасни во различни околности. На пример, жените што се спротивставиле имале поголеми шанси да го избегнат силувањето, но тие исто така биле под поголем ризик за поголема физичка повреда доколку имало оружје. Од друга страна, молењето, плачењето или смирувањето на сторителот се поврзува со почести физички повреди ако нападот се случил во просторија и со почести сексуални напади ако имало надворешна интервенција (некој да се вмешал).
Исто така важно е да се истакне дека луѓето не можат да ги контролираат своите реакции во такви околности. Некои паѓаат во состојба на неволна психичка парализа, позната како тонична инхибиција, кога се соочуваат со екстремна закана. Едно шведско истражување во кое биле вклучени 298 жени што биле во болница во рок од еден месец од сексуалниот напад откри дека 70 отсто пријавиле значителна тонична неподвижност, а 48 отсто пријавиле екстремна тонична неподвижност за време на нападот. Дополнително, оние што се соочиле со неа имале поголеми шанси да развијат посттрауматски синдром на стрес и сериозна форма на депресија во наредниот период.
5. Лоша меморија значи дека можеби не се случило
Многу жртви на силување или на сексуален напад честопати тврдат дека многу добро паметат одредени слики, звуци и мириси поврзани со нападот, дури и ако се случил многу одамна. Сепак, на прашањето дали точно се сеќаваат кој ден се случило или кој или што имало таму во одредено време, односно деталите на кои полицијата и обвинителите често се фокусираат за да ги постават фактите на нападот, жртвите можат да наидат на тешкотии да се сетат или самите да се негираат, поради што се поткопува нивното сведоштво.
Ејми Харди, клинички психолог на Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека постои трагична разлика меѓу она што се очекува од системот на кривичната правда и природата на трауматичните сеќавања и колкави се шансите луѓето да ги пријават.
Ова е така зашто сеќавањата од трауматичните настани поинаку егзистираат од секојдневните сеќавања. Ние обично паметиме што гледаме, слушаме, мирисаме, вкусуваме и физички перципираме, но и како сето тоа се вклопува заедно и какво значење има за нас, и заедно сите тие различни видови информација ни овозможуваат да се сеќаваме на настаните како на една кохерентна приказна. Но за време на трауматичните настани, нашите тела се преплавени со хормоните на стрес. Тие го поттикнуваат мозокот да се фокусира на сегашноста на штета на поголемата слика.
Ова е логично од еволутивна перспектива. Харди вели дека кога сме под закана, многу е подобро да се фокусираме на она низ кое поминуваме, што нѐ тера да реагираме со борба, да избегаме или да се парализираме, наместо да се фокусираме на поголемото значење и да го сфатиме.
– Исто така, знаеме дека ако луѓето се дисоцираат за време на траумата, каде што когнитивниот дел на мозокот се исклучува и стануваат дистанцирани или вкочанети, тоа го забрзува процесот на фрагментација, така што нивните сеќавања имаат уште поголеми карактеристики на сегашноста – вели Харди.
Таа го испитуваше влијанието на овие процеси на сеќавањата врз искуството на жртвите што пријавиле сексуален напад во полиција. Харди откри дека оние што покажале поголемо ниво на дисоцијација за време на нападот имале пофрагментирани сеќавања кога биле испитувани во полиција и дека оние со поголема фрагментација на сеќавањата имале поголеми шанси да дадат недоследна изјава на настанот. Сите овие фактори всушност ги намалуваат шансите за да продолжи истрагата.