„Белег на времето“ е тематската изложба на слики од прилепската уметница Павлина Илијеска, што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Илијеска ќе се претстави со десетина платна во голем формат, на кои се пренесени нејзините видувања на значајни прилепски локалитети, испреплетени со традицијата, културата.
– Заедничка карактеристика во делата на Илијеска е слободата, односно нејзиното интуитивно пројавување, без разлика дали сликарката ни претставува таканаречени патриотски мотиви, или го допира егзистенцијалниот бит на единката. Занимавајќи се со единката, Илијеска вешто продира и се судира со стравот, неспокојот и потрагата по начините за повторно народување. И тука, и во случај на патриотско-локалните теми, вториот план, односно споменатата позадинска интерпретација е творивото кое смирува, оплеменува, радува или ја додава дополнителната сила за истрајност кон слободата, како што се на пример сликани мотивите поврзани со Тешкото, прилепска Могила или Чаршијата со градската Саат-кула. Илијеска слика слобода која не останува само во рамките на имагинарното, или пак слобода која вечерва ќе нѐ одведе на барикадите на градскиот плоштад, туку таква која несвесно нѐ разнежнува, иако можеби очекувањата биле поинакви – вели Звонко Димоски.
Според Викторија Димеска, историчар на уметност, Павлина Илијеска создава обемен сликарски опус со мотиви инспирирани од родниот град Прилеп.
– Сликајќи ги грандиозните споменици со кои се одликува градот под Марковите Кули, таа креира културен континиум на историските текови кои оставиле карактеристични белези во минатото и кои на неповторлив и единствен начин ја обликуваат сегашноста. Сигурна во својата интуиција, таа храбро и достоинствено чекори во светот на ликовната уметност. За прв пат во новиот циклус на уметнички дела користи монументални платна. Со минуциозното и пиктурално сликање на најситните детали во пејзажите и градската архитектура, уметницата настојува целосно да ја исполни белата површина. Издвојувајќи сè со – калиграфски сликарски ракопис, лирски сензибилитет и вибрантни боени ноти, автентичното уметничко творештво на Илијеска прераснува во културен ансамбл кој сведочи за историската и духовната вредност на градот – вели Димеска.
Павлина Илијеска интензивно почнува да слика на свои 57 години, односно во 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна со претстави на градски ведути и пејзажи, изработени во акрилна техника. Била дел од бројни колонии, релизирала самостојни изложби во Лерин, Грција, во Прилеп, а учествува и на групни на ДЛУП, и во Грција. Ка.М.