Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва побара од Владата веднаш да го објави модифицираниот француски предлог, кој според, нивните информации, имал само семантички промени, а сите бугарски барања биле дел и од овој нов предлог.
-Ако е толку добар овој предлог, тогаш Владата веднаш да го објави на нејзината веб-страница. Зошто го кријат? ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш, по ниту една цена, да прифати решение штетно за македонскиот народ и иднината. Можеме да споделиме дека врз основа на нашите информации се два модифицирани збора различни од претходниот предлог. Ако претходно имавме нокаут за македонската дипломатија, сега имаме нокаут со продолжено дејство. Нема никакви корекции. Бугарските барања се дел од овој модифициран предлог. Ова е дебакл – рече Мицкоски.
Според него, најавените протести ги одложуваат и во наредниот период.
– Ќе се фокусираме на потенцијалното предавство на државните и националните интереси и целосно ќе се фокусираме на последниот француски предлог за кој актуелната влада искажа подготвеност да го прифати. Според наши информации се работи за предлог во кој се променети само два збора. Не случајно овој модифициран француски предлог од прва е прифатен од бугарскиот претседател и премиер. Ова е нокаут за македонската дипломатија – изјави вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека Македонија преговара под бугарски диктат. Вели дека во новиот предлог се сменети само два збора.
– Лага е на Владата дека не биле запознаени со предлогот, лага е и тоа што ова сега го претставуваат како голем успех, а не сме го виделе и прочитале. Сите да бидат будни, се подготвува асимилација – рече Мицкоски.
Тој вели дека не треба да капитулираме дипломатски и наредните 50 години да не стигнеме до членство во ЕУ.
Црвените линии за партијата, како што посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се македонски јазик без условувања и без фусноти.
– Црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се дека нема да прифатиме ниту во преговарачката рамка, ниту во било кој документ на ЕУ, македонскиот јазик да биде ништо друго освен македонски јазик, без никаква фуснота, без никакви унилателарни изјави, без никакви дополнувања, одземања или наддавања. Македонски јазик без условувања и без фусноти. Сето останато вклучително и некакви си протоколи, вклучително и Договор за добрососедство не може никако да биде дел од преговарачката рамка – рече Мицкоски.
Одлуката за најавените протести, како што изјави Мицкоски, е изменета со цел како партија да се фокусираат на решението.