Албанија
Пописот на населението и домаќинствата во Албанија, кој беше одложен минатата година, поради пандемијата на ковид-19, ќе се спроведе во октомври годинава и ќе чини 16 милиони евра. Прашалникот за 2022 година ќе биде ист како оној во 2011 година и ќе содржи прашања за етничката и верската припадност, јазикот, прашања за лицата со попреченост, а ќе има прашања и за домување.
Според директорката на секторот за социјална статистика Мајлинда Нестури, точниот датум на почеток на пописот, кој треба да го одреди парламентот, се очекува да трае шест недели.
Собирањето на податоците нема да биде рачно на хартија, туку ќе се врши со електронски таблет, за да има поголема сигурност и брзина во обработката на податоците. Овој нов начин има свои предизвици, но ќе ни обезбеди поголем квалитет и ќе го забрза процесот на обработка. Процесот е многу сложен, ќе бидат ангажирани вкупно 8.000 попишувачи, околу 1.200 контролори и 6.000 геодети – изјави Нестури.
На прашањата, поединците се изјаснуваат за она што се чувствуваат на доброволна основа и, доколку не одговорат, сега не е предвидена казна.
Инаку, во 2011 година Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците и Египќаните го бојкотираа пописот, поради „дискриминаторскиот закон за попис со кој се предвидуваше казна од илјада долари за секој што ќе каже друга етничка припадност од онаа што му пишува во матичната евиденција“.