Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејсус предупреди дека неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД со која се укина правото на абортус на федерално ниво ќе предизвика здравствени проблеми и смртни случаи.
– Сите жени треба да имаат право да одлучуваат за своето тело и здравје. Точка – рече Тедрос во Женева, додавајќи дека „со безбеден абортус се грижиме за нашето здравје“.
– Така се спасуваат животи. Ограничувањето ќе ги натера жените и девојчињата да абортираат на небезбеден начин, што ќе предизвика компликации и смрт – додаде тој, пренесе ДПА.
Врховниот суд на САД во петокот ја смени одлуката стара 50 години со која се гарантира правото на абортус во сите сојузни држави на САД.
Судот со таа одлука го олесни усвојувањето на построги закони за абортус, вклучително и целосна забрана во сојузните држави кои така одлучуваат.
Законите за забрана стапија на сила веднаш во некои држави.
Во многу американски сојузни држави лекарите кои вршат абортуси може да завршат во затвор поради тоа.