Угледниот германски весник Франкфуртер Алгемајне цајтунг (ФАЦ) во неделниот текст со наслов „Вето по ветото” пишува дека она што минатата недела било прославено како тргање на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, „по подетална проверка всушност е негово заострување“, а Владата во Скопје го сфатила тоа и ги одбила бугарските барања.
„Маневрот во Софија повеќе делува како некакво бугарско-француско лукавство, кое ќе ја тргне Бугарија од фокусот на критиките, а Франција, на крајот на своето претседавање со ЕУ, ќе може да прикаже барем некаков успех во политиката на проширување на ЕУ на Балканот“, пишува ФАЦ, пренесува Дојче веле на македонски јазик.
Весникот додава дека „Париз игра голема улога во оваа приказна уште од 2019 година“ и дека по промената на името на државата како ослободување на европскиот пат за Македонија, тоа не се случило, бидејќи, како што пишува ФАЦ, „меѓу другото и затоа што неколку месеци подоцна Париз беше движечката сила која го блокираше почетокот на пристапните преговори на С. Македонија“.
Минатата недела бугарскиот парламент го усвои францускиот предлог за тргање на ветото за Македонија. Тој предлог македонските власти го оценија како неприфатлив „во таква форма“.