Денешната редовна седница на бугарското Народно собрание ќе почне со процедура за избор на нов претседател.
По изгласаната смена на Никола Минчев, функцијата шеф на парламентот ја презеде Мирослав Иванов. Можно е најголемата партија во Народното собрание „Промените продолжуваат“ повторно да го предложи Минчев за претседател на парламентот.
Ива Митева од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ е второто име што се споменува за оваа функција, иако таа изјави дека одбила да биде номинирана во оваа сложена политичка ситуација во Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.
На вонредна седница вечерва во 19 часот и 10 минути пратениците треба да гласаат за барањето недоверба на владата на Кирил Петков.
И денеска во парламентарната комисија за надворешна политика на бугарскиот Парламент во 15 часот треба да се одржи состанок на кој ќе се разгледа предлогот на француското претседателство со ЕУ за одобрување на преговарачката рамка за Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција.
Инаку, повеќе од 3.000 луѓе учествуваа на мирниот протест за поддршка на бугарската Влада на плоштадот „Свети Александар Невски“ на јужниот влез на патријаршиската катедрала.
Барањата на демонстрантите беа Бугарија без корупција, како и да нема обединување меѓу ГЕРБ, ДПС, „Препород“ и „Има таков народ“.
Граѓаните носеа и бугарски и знамиња на ЕУ.
Во регионот околу катедралата имаше силно полициско присуство и сообраќајот беше запрен. Министерот за транспорт Николај Шабев, министерот за иновации Даниел Лорер, како ио јавните личности проф. Александар Ќосев и проф. Калин Јанакиев се приклучија на протестот за поддршка на владата. Луѓето извикуваа „Тука не е Москва“ и „Заедно“.
На протестот се приклучи и премиерот Кирил Петков придружуван од сопругата Линда и актуелниот претседател на 47. Народно собрание Никола Минчев. Петков кажа дека Владата нема да дозволи мафијата да ја преземе земјата. Тие потоа разговараа и се ракуваа со граѓаните и повторно им се заблагодарија за поддршката на плоштадите во изминатата недела.
За време на гласањето недоверба вечерва, бугарските граѓани ќе се соберат пред Народното собрание и ќе вршат притисок врз пратеничките групи да ги видат и да размислат како ќе гласаат.