Словенија ѝ подари на Украина 35 оклопни амфибиски возила БВП М80А, произведени во поранешна СФР Југославија, за кои во договор со САД ќе добијат средства за компензација за набавка на опрема за словенечката армија, јавуваат словенечките медиуми. Возилата веќе со железница се испратени во Полска и Украина.
Нивната деконзервација траеше неколку недели, а побрзото испраќање помош на украинската армија досега беше спречено поради логистички тешкотии поради позицијата на Унгарија која не дозволува транспорт на оружје за одбрана на Украина преку нејзина територија, пренесува комерцијалната телевизија ПОП-ТВ.
Како што се наведува, Словенија во договор со САД ќе добие средства од американската влада за набавка на оружје и опрема за словенечката армија, во вредност поголема од проценетата сума испратена во Украина.
Амфибијата БВП М80А со екипаж од тројца војници има топ со калибар 20 мм, митралез и фрлачи на противтенковски ракети „маљутка“. Словенија со оваа донација го исполни ветувањето за Украина и придонесе за нејзината одбрана, јави ПОП-ТВ, што го потврди и министерот за одбрана Марјан Шарец.
Според него, Словенија претходно и донирала лесно оружје, шлемови, панцири и друга опрема на Украина, а отсега повеќе ќе се концентрира на други форми на помош, вклучително и деминирање и помош во обновата на Украина по војната.