Ван дер Зи, директорот за аматерски фудбал во КНВБ, се надева дека промените ќе ја направат играта „побрза, поспортска, пофер и поатрактивна“
Холандскиот фудбал ќе разгледува пет нови промени во фудбалската игра, и тоа за аутот, жолтите картони, слободните удари, замените и времето за игра, објавија британски медиуми. Поранешниот судија Марк Клатенбург, пак, неодамна ја претстави идејата за полувремиња од 30 минути.
– Функционира во кошарката и може да функционира и во фудбалот. Часовникот се става на пауза кога топката ќе излезе од игра, на пример, или има повреда или судијата покажува жолт картон и разговора со играчите – вели тој.
Во својата колумна на официјалната интернет-страница на Холандската фудбалска федерација (КНВБ), Јан Дирк ван дер Зи, директор за аматерски фудбал, ги објасни промените што би се тестирале. Така, на пример, на играчите би им било дозволено да додаваат со нога или дури да шутираат од аут. Во обид да се избегне губење време при прекршоци, на играчите да им биде дозволено сами да си додадат и да ја почнат акцијата (како во ватерполото). Ова се очекува да помогне да се задржи брзината на играта. По примерот на рагбито, играчите со жолт картон би биле испратени од теренот на пет минути. Во Холандија ќе се тестира и модел на летачки замени, што ќе им овозможи да прават неограничени измени во текот на мечевите, без прекинување на играта (како во ракометот и во хокејот на мраз). Ван дер Зи, директорот за аматерски фудбал во КНВБ, се надева дека промените ќе ја направат играта „побрза, поспортска, пофер и поатрактивна“.
Бордот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ), одговорен за фудбалските правила, неодамна донесе неколку измени на фудбалските правила. Така, употребата на пет замени по тим во текот на еден меч првично беше воведена во мај 2020 година, поради пандемијата на ковид-19 како привремено правило, но сега тоа е вклучено како трајно правило. Исто така, одлучено е бројот на резервни играчи во составите за натпревар да се зголеми од 12 на 15, со дискреција на организаторот на натпреварот.
Било дискутирано и за тестирања, како што се објаснување одредени судиски одлуки за време на мечевите, потенцијално поправедно пресметување на времето за играње, воведување на изведувањето аут со нога, но дека овие и сите други тестирања бараат дозвола и ќе бидат надгледувани од ИФАБ и од Светската фудбалска федерација (ФИФА). Мерките, вклучувајќи и камери што би ги носеле судиите, исто така, може да се тестираат во обид да се подобри безбедноста на официјалните лица.
Полуавтоматизираната технологија за видеопомошник-судија (ВАР), пак, би можела да биде подготвена навреме за Светското првенство (СП) во Катар, објави „Би-би-си“.