Резолуцијата усвоена од Федералната унија на европските националности (ФУЕН), а поднесена од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, е доставена до албанските и меѓународните институции, а за запознавање и до македонските институции.
Ова за „Македонски весник Илинден“ го потврди претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, кој очекува албанските институции да преземат соодветни активности, а посебно внимание на барањата да посветат и меѓународните институции.
Со резолуцијата, во име на Македонското друштво „Илинден“ и македонското национално малцинство во Албанија, меѓу другото, се бара од Владата на Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици.
Исто така, се бара преземање ефективни мерки за заштита на македонскиот идентитет од негирање и асимилација, како и Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата административно-територијална реформа.
Едно од барањата е и Општина Пустец да биде преименувана во Општина Преспа, посочи Ѓурѓај.
Резолуцијата едногласно беше усвоена на 70. Конгрес на ФУЕН, одржан во Хелсинки, Финска. На конгресот учествувале претставници на 100 организации-членки од 38 европски земји.
































