Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека постои можност таа да биде посредник во решавањето на конфликтот меѓу Русија и Украина. Меркел не ја отфрли можноста да биде посредник, но не сега, туку во подоцнежна фаза, додавајќи дека од неа „не било ни побарано да интервенира“.
Таа посочи дека војната во Украина претставува „пресвртница во европската историја“ и дека рускиот претседател Владимир Путин мора да се сфати сериозно.
Меркел оценува дека нејзините одлуки додека била на позицијата германска канцеларка и нејзиното заминување од таа позиција можеби влијаеле на Путин да донесе одлука за започнување специјална воена операција во Украина.
Меркел ја призна и сопствената немоќ на крајот на нејзиниот мандат.
– Јасно беше дека нема да бидам долго време на функцијата и затоа едноставно морам да констатирам дека различните обиди во изминатата година немаа ефект – кажа Меркел.
Бидејќи одамна го познава Путин, ја прашале каков човек е тој.
– Неговите зборови треба да се сфатат сериозно – рече кратко Меркел, пишува „РНД“.
Во интервјуто за германската медиумска мрежа „РНД“, едно од ретките по нејзиното политичко пензионирање, Меркел изјави дека минатата година се обидела да разговара со Путин за европскиот безбедносен поредок, но дека рускиот лидер не бил заинтересиран.
– Од една страна, Путин повеќе не беше подготвен за нов самит во стилот на Нормандиската четворка, а од друга страна, не успеав да започнам дополнителен руско-европски формат за дискусија за европскиот безбедносен поредок – рече Меркел, мислејќи на германските средби со Франција, Русија и Украина, што резултираше со договорите од Минск во 2014 и 2015 година.
Таа повтори дека стои зад нејзината одлука да го блокира барањето на Украина за влез во НАТО во 2008 година, бидејќи слична акција би предизвикала конфликт со Русија.
Меркел го поддржа курсот на нејзиниот наследник Олаф Шолц (СПД).
– Мислам дека е правилно Западот да работи за опстанок на Украина, без да стане дел од директен воен конфликт – кажа поранешната германска канцеларка.
Прашана дали знаела дека конфликтот ќе започне, таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден и’ ги дал првите индикации за тоа на самитот на Г-20 во Рим на крајот на октомври минатата година.
Рече и дека Путин не сака успешна Украина, која на крајот станала заложник на спротивностите меѓу Русија и Западот, поради што НАТО и ЕУ се дел од оваа борба.