ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП ЗА КАДЕТИ И ЈУНИОРИ ВО ЧЕШКА
Има позитивна клима, подготовките поминаа одлично, а со нас беше и најдобриот македонски каратист и светски вицепрвак Емил Павлов, кој вежбаше заедно со нашите млади карате-надежи, вели селекторот во борби Кузмановски. Македонија досега на ЕП во оваа конкуренција освои 40 медали, од кои осум златни, 10 сребрени и 22 бронзени
Македонската карате-репрезентација на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година) во борби и во кати, од петок до недела во Прага (Чешка), ќе настапи на татамите со 35 натпреварувачи, а ќе ја предводат селекторот за кадети и јуниори во борби Александар Кузмановски, селекторот за постари јуниори во борби Арлинд Хусеини и селекторите во кати Стојан Андриевски (момчиња) и Ивана Аврамова (девојчиња).
– Во составот има докажани натпреварувачи што ќе атакуваат на медали. Од тие што ќе настапат сега во Прага, Бојан Костов е носител на три европски медали, од кои сребро во кадетска и бронза во јуниорска конкуренција, како и бронза на СП за јуниори. Матеј Белистојаноски има бронза од ЕП за јуниори, а Стефан Стојановиќ јуниорско злато од ЕП – вели Кузмановски.
На ЕП конкуренцијата ќе биде исклучително силна, ќе настапат 1.084 натпреварувачи од 48 држави.
– Репрезентативците се подготвени, сплотени и со висок мотив за освојување медали. Има позитивна клима, подготовките во Дојран поминаа одлично, а со нас беше и најдобриот македонски каратист и светски вицепрвак Емил Павлов, кој вежбаше заедно со нашите млади карате-надежи. Подготвени сме за медали и цел ни е успех како на минатото европско, на кое освоивме четири медали во кадетско-јуниорска конкуренција. Каратето е најтрофеен поединечен спорт кај нас и јас сум оптимист дека и овој пат ќе успееме – вели Кузмановски.
Македонија досега на ЕП во оваа конкуренција освои 40 медали, од кои осум златни, 10 сребрени и 22 бронзени.