Рускиот гигант Гаспром денеска објави дека го намалува доставувањето гас за Европа за уште една третина преку гасоводот Северен тек, еден ден по првата најава за драстичното намалување, наведувајќи дека причината е прекинот на снабдувањето на делови од германски Сименс.

-Гаспром ја прекина работата на уште една гасна турбина на Сименс на станицата Портоваја“, каде што се полни Северен тек, а каде од утре дневното производство ќе падне од 100 на 67 кубни метри гас дневно – се наведува во соопштението.

Гаспром вчера објави за првото намалување на испораките од 167 на 100 милиони кубни метри гас, објаснувајќи ја таа одлука со немањето компресор на Сименс, поради што не можат да работат сите единици за компресија на гас.

Канадските санкции против Русија поради инвазијата на Украина го спречуваат германскиот партнер Сименс енерџи да испорача ремонтирана опрема. Ова го намалува дневното снабдување со гас за речиси 60 отсто преку подводниот гасовод што ја поврзува Русија со Германија преку Балтичкото Море.

Иако Гаспром овие намалувања ги објаснува со технички причини, Берлин денеска, уште пред најавата за на второто намалување, објави дека тоа е „политичка одлука“ на Москва во екот на големите тензии со западните земји поради конфликтот во Украина.

Испораките на руски гас во Европа постојано паѓаат од почетокот на примената на западните санкции против Москва, а ЕУ се обидува да се ослободи од својата енергетска зависност од Русија.

Во последните неколку недели Гаспром го прекина снабдувањето со гас на неколку европски клиенти кои одбија да го платат во рубљи, што Русија го побара како одговор на санкциите на ЕУ воведени по почетокот на руската офанзива против Украина.

Гасоводот „Северен тек“ испорачува руски гас до Германија преку Балтичкото Море во краци од по 1.224 километри. Пуштен е во употреба во 2012 година, а инвестицијата чинела речиси 7,4 милијарди евра.

Според податоците на компанијата за експлоатација на гасоводот, од Русија во Европа преку Северен тек во 2021 година биле извезени 59,2 милијарди кубни метри гас.