Руски компании и поединци судски се борат против санкциите на Брисел, пишува Леоне Кижевски за „Политико“
Санкциите на ЕУ низ судските лавиринти на Брисел
Руските богаташи даваат отпор на европските санкции. Најмалку 20 најмоќни руски магнати тековно поднесуваат тужби против Европската Унија (ЕУ), од која бараат да ги одмрзне нивните средства и да им ги деблокира визите. Меѓу нив е и Роман Абрамович, поранешен сопственик на фудбалскиот клуб Челзи, кој во март беше казнет поради наводно извлекување корист од своите блиски релации со претседателот Владимир Путин.
Списокот на поднесоци до вториот по ранг европски трибунал, Општиот суд, укажува на низа имиња што се совпаѓаат со списокот на санкционирани поединци, составен од страна на Европскиот совет. Постојат и неколку анонимни судски случаи, кои би можеле да вклучуваат поголем број руски богаташи. Меѓу поистакнатите имиња се оние на Фридман, Авен и Усманов, кои ги поднесоа своите тужби до судот во периодот од крајот на април до крајот на мај. На списокот на судот во моментов се споменуваат само презимиња, но на списокот на Европскиот совет за санкционирани лица се појавуваат истите имиња.
Бизнисмени и организации на листата на санкции
ЕУ наметна санкции за Михаил Фридман, основач на руската инвестициска компанија „Алфа груп“. Унијата исто така му ги замрзна средствата и му воведе забрани за патување на неговиот поранешен деловен партнер Петр Авен, кој се смета за „еден од најблиските бизнисмени на Владимир Путин“. Санкциите го погодија и рускиот милијардер Алишер Усманов. Компаниските претставници на Фридман и Авен не беа достапни за коментар. Портпаролот на Усманов одби да даде коментар за „правните процедури поврзани со санкциите“. Исто така, „Политико“ не успеа во обидите да стапи во контакт со Абрамович.
Истовремено, голем број руски организации се жалат на мерките што беа преземени против нив од страна на ЕУ. Радиодифузерот РТ вложи жалба против суспензијата, која Општиот суд ја прифати, но за 10 јуни е закажано уште едно рочиште. Рускиот Фонд за директни инвестиции поднесе жалба, откако во март ЕУ забрани вложувања во него. Правна постапка поднесе и инвестициската институција ВЕБ.РФ, чиј претседател беше назначен директно од Владимир Путин. Ниедна од овие компании не одговори на повиците за коментар.
Иако судот не смее да коментира поединечни случаи, судскиот гласноговорник Жак Замит изјави дека патот до носењето конечни пресуди ќе биде долг. Според Замит, секој поединечен случај со сигурност ќе потрае со месеци, дури и до една година, доколку се решава еден случај од почеток до крај. Во текот на следните недели и месеци се очекува да бидат поднесени уште поголем број судски претставки. Унијата досега има санкционирано повеќе од 1.000 луѓе.
Тужбите против Европскиот совет се бескорисни?
Брисел има различни резултати во однос на успешната одбрана од вакви жалби. На пример, според резултатите од студијата нарачана од Европскиот парламент, во периодот од 2008 до 2015 година, Унијата изгубила околу две третини од судските спорови околу санкциите што ги имала наметнато. Сепак, дури и ако ги добијат судските спорови, можно е руските бизнисмени да не ги добијат назад своите пари. Андреас Гајгер од фирмата за лобирање „Албер и Гајгер“, која работеше на санкциите, рече дека тужбата против Советот е „бескорисна“, дури и ако судот пресуди во корист на тужителите. Тоа е затоа што Советот секоја година излегува со нови списоци со санкции, кои, правно гледано, доаѓаат од претходната листа. Гајгер вели дека овие лица, дури и ако ги добијат сите нивни судски случаи, ќе останат на списокот со санкции онолку долго колку што сака Советот. Тој смета дека единствен начин за симнување од списокот со санкции е вклучување во долготрајно политичко лобирање. Меѓутоа, ЕУ најверојатно има одговор и за ова. Најновиот пакет санкции што Унијата го воведе и кој веќе стапи во сила минатиот петок, законски не дозволува европските фирми да лобираат за Русите или за руската влада.