Ако овие денови се денови на сеќавање за оние што веќе не се меѓу нас, не може човек да не се присетува на своите блиски, на пријатели, колеги, познаници. На луѓе со кои се дружел, со кои соработувал, минувал заеднички денови или водел долги неисцрпни разговори. Текстот што читателот ќе го чита подолу оживува такви сеќавања.
Неколкупати имам напишано дека мојот прв контакт со весникот „Нова Македонија“ е од деновите на атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди, ноември 1963 година, кога дедо ми Ташку ме праќаше да му го купувам. Но моето занимавање со новинарството сум го пројавил на 16 години во Радио Ресен. Тогаш почнав да ги правам првите хроники за животот на младите и нивните активности во Преспа. Емисијата се емитуваше еднаш неделно. Пишував, снимав, говорев во микрофон. Во трети и четврти клас гимназија, повеќе од две години, бев редовен, единствен спикер на Радио Ресен. Добивав хонорар, термин за кој тогаш не знаев што точно значи, но знам дека добивав пари, да не барам од дома, обезбедив доволно и за на факултет во Скопје.
Имав голема среќа што во радиото ме прими Христо Хаџиевски, кој беше главен и одговорен уредник. Него сите го познаваа, го викаа Кицо, Кицо Аџија. И јас така го завикав. Не го викав чичко Кицо, иако разликата во години беше рамно 20. Тоа беше и негово барање. Уште на почетокот ми рече: „Ќе ме викаш на име, ние сме сега колеги“. Подоцна сфатив колку големи беа неговите зборови и со кој тактички пристап ми овозможи своевидна слобода во меѓусебните контакти, а и со другите вработени во радиото. Како што минуваше времето, Кицо ми даваше да подготвувам делови од емисијата „Преспанска хроника“, која ја снимавме во петок навечер или во сабота, а се емитуваше во недела наутро. Ме праќаше низ Ресен да правам интервјуа со граѓани за некој поважен настан или празник. Почна да ме носи, да присуствувам и на некои седници на Собранието или на другите политички органи на Општината.
Тоа беше негова стратегија не само за мое постепено обучување туку и за оспособување да следам настани во живо и да расудувам за нив. Тој пристап ми помогна и во една друга смисла, да почнувам да стекнувам доверба во себе. Имено, во тие младешки години, каде и да влегував, добивав трема, лицето видливо ми поцрвенуваше, зборовите ми се кочеа во устата. Тоа непријатно чувство полека го надминував, а во поголем дел го излекував подоцна кога бев две години дописник на „Нова Македонија“ од Белград.
Кицо Аџија, со учителска школа по формално образование, беше за мене не само првиот учител туку и првиот учебник по новинарство, по совети за односи со луѓето, по новинарски бонтон, по култура на пишување. Зборуваше живо, со гестикулации, беше енциклопедија за вицови, знаеше грлесто да се насмее. Знаеше да оцени што е што, црното не го правеше бело и обратно. Се разбираше во литература, во историја, ми препорачуваше што да читам, кои филмови да ги гледам во киното, ми развиваше симпатии кон театарот во кој тој беше вљубен како жива уметност.
Ме запознаваше со негови пријатели и познаници, ми ги објаснуваше карактерите на луѓето, ја знаеше превртливоста на политичарите, имаше објаснувања за полтронското однесување. Станавме толку блиски, што одвреме-навреме ми соопштуваше и некои негови интимни тајни за што беше сигурен дека нема да му ги пренесам никому, како што и јас одвреме-навреме му ги доверував моите или му ги пренесував младешките соништа за тоа што посакувам. Конечно, ме насочуваше и кон „Нова Македонија“, тој за весникот ги пишуваше спортските извештаи од Ресен.
Со Кицо Аџија имавме и друга допирна точка. Можеби некој ќе поверува, некој не мора, јас две-три години, во исто време кога бев ученик во гимназија и спикер на радиото, бев или прв или резервен голман во составот на фудбалскиот клуб Преспа од Ресен. Бев вљубен во тој спорт (подоцна во ракометот), редовно тренирав од својата 15-та година, немав соодветна висина, но поседував одлични рефлекси. Во тој период една сезона тренер на ФК Преспа беше токму Хаџиевски. И таму, и на тоа поле имавме меѓусебно разбирање, почитување и доверба. Љубовта кон фудбалот ја наследи неговиот син Ѓоко Хаџиевски, познатиот тренер на Вардар и на македонската репрезентација, еден од најпознатите македонски тренери во светот.
Моето второ и вистинско новинарско крштевање е во „Нова Македонија“.
Во декември 1970 година беше објавен конкурс за новинари. Поднесов документи, бев повикан на тестирање. Главен на тестот беше новинарот Борис Поп Ѓорчев, нам, кандидатите, пред почетокот ни одржа едно инспиративно воведно предавање. Ме примија, имав солидна врска, до ден-денес верувам дека успешно сум го положил тестот, но не ја потценувам улогата на врската. Ние, примените приправници, почнавме со работа во февруари 1971 година, а решенија за редовен работен однос добивме една година подоцна. Бевме околу 25. Таа беше последната генерација што беше примена со завршено средно образование. Јас бев четврта година на факултет и за кратко време дипломирав книжевност.
Непишано правило беше мнозинството од новопримените почетници, приправниците, да бидат распоредувани во градската, Скопска рубрика. Таму прв уредник ми беше Благоја Антиќ. Негов заменик беше Атанас Стефанов, новинар ветеран кој ги знаеше сите новинарски „цаки“ и кој нѐ подучуваше на примена на научените техники во пракса. „Првин научи да напишеш вест од 10 реда – потоа сѐ друго“, гласеше правилото. Беше човек кого младите го обожаваа поради неговиот симпатичен приод кон секого. Во првите учители на таа генерација, што значи и мои, може да се наредат Спасе Шуплиновски и Фидан Јосифовски, секој на свој начин и со свој специфичен приод. Сите погореспоменати на позитивен начин влијаеле на моето новинарско оспособување и напредување.
Не заборавајќи ги овие имиња, најголемо признание може да им оддадам на четворица, кои, всушност, ја определија насоката на мојата професионална ориентација, во движење низ уредувачката политика на весникот и во кадровското напредување. Тука се Анте Поповски, Ванчо Апостолски, Панче Михајлов и Радослав Огњановски. Поповски како генерален директор беше врската преку која бев примен, човекот што се заложи да станам дописник од Белград на мои 24 години. Апостолски, кој дојде на местото на Анте, влијаеше новинарството да се држи до фактите. Михајлов беше човекот што можеби прв ги виде моите пишувачки способности и карактерни особености. Лично ме насочи кон рубриките од внатрешната политика, иако јас „препекав“, молев, да бидам новинар во рубриката за култура, тоа ми беше најголемата професионална желба. Панче, еден благ човек, ми помагаше и со најдобронамерни човечки совети, а често знаеше мудро да ги смирува мојот младешки темперамент или испади на незадоволство.
Сепак, името на Радослав Огњановски е она што најмногу ме врза и обврза во годините што ги поминав во весникот „Нова Македонија“. И професионално и приватно, го сметам за мојот новинарски и духовен татко во Скопје. Бевме многу блиски, упатени еден на друг, веруваше во мојата посветеност, преданост и чесност кон работата и луѓето. Со секое негово нагорно поместување во хиерархијата на весникот добивав повисок статус. Кога тој беше главен уредник му бев заменик, кога стана генерален директор, јас станав главен уредник, кога ја напушташе функцијата заради пензионирање со сите сили се избори да станам генерален директор. Тоа беше едната страна на односите. Другата беше нашата приватна блискост, меѓусебната доверба, доверливите разговори и оцени за политичките ситуации и за карактерите на политичарите. Огњановски имаше неверојатно чувство, „нос“, да го оцени човека што карактер е, мана што мене ми се провлекува цел живот. Се дружевме дење, во канцеларија, се дружевме ноќе во ресторани, кафеани, клубови, некогаш во биртии. Таа дружба продолжи безмалку до неговото заминување на оној свет.
Како новинар, уредник, главен уредник на весникот и директор на НИП „Нова Македонија“, Огњановски е еден од пионерите на воведувањето демократијата во македонското новинарство во средината на осумдесеттите години од минатиот век, борец за освојување на слободата и за одвојување на новинарството од политиката и на политиката од новинарството. Генерациите што ги обучуваше и со кои раководеше сигурно ќе го паметат како стаменит учител, уредник и раководител, непопустлив борец за силината на фактите и вистината, жесток противник на шпекулативните информации и дезинформации. Раде по членска книшка беше чесен комунист, по политичка ориентација прогресист, по политичко сфаќање либерал, а по национална определба македонољубец – благ македононационалист и вистински патриот. Со него во осумдесеттите години од минатиот преку страниците на „Нова Македонија“ ги пробивавме бариерите на монопартизмот, ги отворавме и разјаснувавме дотогашните „забранети“ теми, ги уривавме табуата, тогаш новинарството стануваше четвртата сила на општеството. Што се случи подоцна со македонскиот журнализам, за да дојде до најдолните општествени гранки, како на многумина други и нему не му беше јасно? Со таа тага на душата замина на небото.
Кога утре-другиден или во некое друго време ќе се пишува објективната историја на македонското новинарство, никако не ќе може да се одмине или избрише името на Радослав Огњановски, мојот близок пријател и учител, незаборавен раководител на НИП „Нова Македонија“.