Лекарската комора се издигна во почитувана, независна професионална организација, етаблирана на домашен и меѓународен план, со свои јасни цели и јасна програма во рамки на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем, констатираа говорниците на свечениот настан кој по повод одбележување на 30-годишниот јубилеј се одржа вчера во Скопје.
Процесот за воспоставување на Лекарската комора започнува во 1991 година, кога во Македонското лекарско друштво е покрената иницијатива за формирање на Лекарска комора, како здружение кое ќе се бори за правата на лекарската професија и паралелно за заштита на пациентите. Целиот процес за формирање се заокружува на 5 јуни 1992 година кога се одржува основачкото Собрание во просториите на Воената болница во Скопје.
Проф. д-р Калина Гривчева Старделова во своето обраќање истакна дека Комората одговорила на целта за која е формирана.
-Проф. д-р Јован Тофоски, еден од иницијаторите за формирање на Комората на основачкото Собрание рече „се водеше вистинска битка идејата да се озакони”, а претседателот Глигоров изрази надеж дека “Лекарската комора ќе го најде своето место во новото граѓанско општество и нејзиното формирање е еден од влоговите за создавањето на новата структура на нашето општество во кое секој човек и преку својата професија ќе си го најде своето место и ќе се создаде тој сложен мозаик на едно демократско општество”. Триесет години подоцна со гордост и со голема чест може да кажеме дека битката вредеше, дека влогот се исплатеше, бидејќи Лекарската комора прерасна во почитувана, самостојна и независна професионална организација, која е етаблирана на домашен и меѓународен план со свои јасни цели и јасна програма во рамки на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем. Направено е многу за релативно краток период, ако се земе предвид дека период од 30 години и не е толку многу време кога станува збор за воспоставување на институција. Важно е во иднина да продолжиме по патот кој веќе е трасиран, заедно, сплотени со интегриран пристап да изнаоѓаме решенија за проблемите со кои се соочуваме -истакна проф. д-р Гривчева Старелова.
Првиот претседател на Комората, проф. д-р Алексај Дума, во своето обраќање на прославата рече дека идејата за формирање на Лекарска комора како еснафско здружение не била прифатена од социјалистичката власт и затоа и не бил лесен процесот на нејзино воспоставување.
-Многу беше тешко да докажеме дека професионалното достоинство и професионалноста нема врска со политиката и политичките интереси и дека интересите на докторите се и интереси на пациентите и борбата за нивното здравје. Комората почна да функционира во темната комора на Институтот за судска медицина, што ја користевме за развивање на фотографии, во само шест квадратни метри, а во почетокот ја финансираа членовите на Извршниот одбор. Се радувам што денеска дојдовме до тука – истакна проф. д-р Дума, потенцирајќи дека лекарите во короната покажаа дека се доследни на Хипократовата заклетва и дека ќе направат сè за пациентите, па макар и на лична штета.
На настанот беше доделено и највисокото признание на Комората, Плакета „Св. Наум Охридски“ која ја доби д-р Весна Марковска, педијатар од Берово. Плакета за најдобар научен труд доби трудот „Мадикаментозно лекување на ковид-19: актуелни сознанија и важечки препораки“, на авторите д-р Миле Босилковски, д-р Марија Димзова, д-р Костадин Попоски, д-р Ане Петрушевска, д-р Маја Марковска Илиевска и д-р Александар Дервишов. Посебна награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ добија тројцата студенти со најдобар просек од трите медицински факултети во Скопје, Тетово и Штип, Стефан Неделковски, Елизабета Митева и Дрилон Мифтари. Лекарската комора додели и плакети и признанија во знак на добра соработка на медицинските факултети, другите еснафски комори, фармацевските компании и на новинари, кои подолг временски период известуваат за теми поврзани со здравство и здравствени политики. Јубилејна награда – уметничка слика им беше врачена на тројцата поранешни претседатели на Комората, проф. д-р Алексеј Дума, проф.д-р Владимира Борозанов и проф. д-р Кочо Чакалароски. По повод јубилејот вчера беше промовирана и монографија „Кратка историја на Лекарската комора на РСМ“, чиј автор е Јосиф Џочков.
-Почнуваме и нов проект кој предвидува вработување веднаш за 50 студенти од трите медицински факултети кои ќе ги завршат студиите со најдобар просек. Ќе се унапреди стручното усовршување, се работи на подобрување на безбедноста на работното место. Лекарската комора е наш партнер и нејзиниот придонес е од непроценливо значење. Уверен сум дека таа соработка ќе продолжи со реализација на многу успешни проекти – истакна министерот за здравстви Беким Сали.