Франција како претседавач со ЕУ со засилен ангажман за олеснување на разговорите помеѓу Скопје и Софија со цел тргање на ветото и старт на преговорите. По разговорите викендов на ниво на министри за надворешни работи властите во земјава се охрабрени дека ако има добра волја има простор за решение, но се без преголем оптимизам. Софија пак, смета дека треба да работи на убедување на европските партнери дека бугарските ставови во спорот со Скопје, треба да станат ставови на ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски, вчера изјави дека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но не постои конкретен предлог на маса, додека Скопје и Софија треба да изнајдат решение за отворените прашања.
– Франција е претседавач со ЕУ и јас го гледам залагањето на претседавачот со ЕУ, на претседателот на Франција и на француското МНР оваа тема да се стави високо на агендата на претседателствувањето на Франција со ЕУ. Во рамките на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, меѓутоа не постои конкретен предлог на маса којшто ќе каже ова е тој предлог, бидејќи сепак треба ние да изнајдеме решение како соседи што ќе биде навистина основа за да можеме да градиме добрососедски односи и да претставува основа за одржување на прва меѓународна конференција за нашата држава со ЕУ – рече Ковачевски.
Тој вели дека во изминатите 30 дена се шпекулирало дека има решение и дека некој го криел тоа решение и го повтори ставот дека во моментот кога ќе има решение што е прифатливо за двете страни, кое се базира на европските вредности и го задржува достоинството на политичарите, институциите и граѓаните на двете држави ќе може да биде споделено со институциите.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостување на Сител телевизија потврди дека нема конкретен француски предлог, но рече има голем ангажман од француското претседателство и личен интерес од страна на претседателот на Франција Емануел Макрон. Како што посочи Османи, Република Франција во овој период се обидува да го тестира расположението на сите земји членки, при тоа имајќи јасен свој став во процесот. Но, нагласи тој, ние не оставаме ништо на случајноста и секојдневно го информираме француското претседатлство за ставовите, ризиците, варијантите и за можностите.
– Се уште нема предлог од француското претседателство што дава некакви насоки дали може нешто да биде во делот на човковите права, како услов во преговарачката рамка. Правиме максимално што можеме од наша страна, меѓутоа не зависи само од нас – дециден е Османи.
Според него, точно е дека Република Бугарија бара сите прашања да се ставаат како некакви услови во преговарачкиот процес, додека нашата позиција е дека Договорот е билатерален и така треба да се реши, а европскиот процес не треба да биде платформа за решавање на билатерални прашања.
Во врска со работната посета на неговата бугарска колешка Теодора Генчовска и дводневни интензивни разговори кога прв пат беа споени експертските тимови заедно со политичкото ниво на соработка, оцени дека била една од подобрите средби што ги имале досега во конструктивна атмосфера. Состанокот ги охрабрил двете страни да се обидат овие денови да ги искористат до максимум за да се изнајде одржливо решение. Доколку има доволно волја, има можност и простор да се најде решение, но, вели, не може да го предвиди исходот.
Бугарскиот вицепремиер и министер за финансии, и копретседавач на Промената продолжува (ПП), Асен Василев во изјава за софиската Нова ТВ рече дека пораката што Софија ја добива од европските партнери е да седне со властите во Скопје и да постигне договор за откочување на пристапниот процес на земјава во ЕУ.