САД со сите напори ќе се спротивстават на негативното руско влијание на Балканот, изјави кандидатот за нов американски државен секретар Мајк Помпео за време на сослушувањето во Комитетот за надворешни работи на Сенатот.
– Мораме насекаде да возвратиме и да ги користиме сите средства со кои располагаме, од економијата, до интернетот. Русија силно се ангажира во поткопувањето на демократските вредност од Балканот до Латинска Америка и ние ќе одговориме на тоа. Ќе возвратиме на негативното руско влијание и ќе го спречиме – изјави Помпео одговарајќи на прашање на сенаторот Рон Џонсон.
Самиот Џонсон во текот на сослушувањето изјави дека последните неколку години во повеќе наврати го посетил Балканот, каде бил сведок на „зголеменото негативно влијание на Русија“ во регионот.
Помпео од своја страна додаде дека американската Администрација веќе презела серија мерки против Русија, кои „скапо го чинеле“ рускиот претседател Владимир Путин.
– Воведовме строги санкции и протеравме досега најголем број руски дипломати и шпиони од завршувањето на Студената војна – додаде Помпео.
Според него, Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп била целосно во право кога ја идентификувала Русија „како опасност за САД“.
– Војната секогаш е последна опција. Ќе се борам надворешно-политичките цели на претседателот Трамп да се остварат со дипломатски средства, а не со испараќање на нашите мажи и жени во војна – нагласи Помпео.