Музиката е мојата прва љубов, мојот извор, моето прибежиште. Јас без неа во животот се чувствувам како да немам идентитет, таа е мојот заштитен знак, вели Бојана
Бојана Атанасовска Скендеровски, пејачка и телевизиска водителка
Бојана Атанасовска Скендеровски е активна на македонската музичка сцена дваесетина години, но љубовта кон музиката, како што вели, кај неа се родила уште кога имала само четири години. Двојна победничка е на „Макфест“ и снимила многу песни и видеозаписи. По неколкугодишна пауза, таа повторно е активна на музички план. Лани ја сними баладата „Зад завесите“ на авторите Роберт Билбилов и Ксенија Николова, за која Александар Ристовски-Принц сними интересен спот, а вчеравечер ја промовира својата нова песна „Среќа и несреќа“, на радост на многубројните поддржувачи и обожаватели, кои ја следат сите овие години.
Со кого соработувавте во реализацијата на новата песна и како звучи новиот музички материјал?
– На мојата нова песна „Среќа и несреќа“, на мое огромно задоволство, работев со еден од моите омилени балкански композитори Саша Милошевиќ-Маре. Тој е прекрасен човек и мислам дека направивме хит. Станува збор за поп-музика со балкански зачин, тоа што го сака народот.
Долго сте дел од македонската естрада и се трудите да го одржите континуитетот, а тоа се чини е најважно за еден пејач, да е постојано присутен! Дали музиката за вас сѐ уште е голема и безусловна љубов?
– Музиката е мојата прва љубов, мојот извор, моето прибежиште, јас без неа во мојот живот се чувствувам како да немам идентитет, таа е мојот заштитен знак, а таа љубов меѓу мене и музиката е една многу сериозна врска, која трае од мојата четврта година…
Првите чекори ги направивте во музичкото реално шоу „Потрага по ѕвезди“ на продукцијата „М2“. Дали, според вас, овие аудиции се добар начин за излегување од анонимноста на младите таленти и дали вашата продукција „Скендеровски“ има намера да направи нешто слично кај нас?
– „М2“ беше еден многу сериозен проект,осмислен и изреализиран многу професионално, од оваа дистанца сфаќам колку тоа бил голем проект и прекрасно изреализиран, по „М2“ многу други се обидуваа да прават такви аудиции, но далеку беа од таа професионалност и сериозност што ја имаа тогаш Иво Јанкоски и Дарко Димитров. Ние како продукција сме имале неколку понуди од поединечни личности за такво нешто, но за да се реализира таков тип проект требаат многу нешта, не смее да влезете во такво нешто, а да немате финансиски план и подоцна да импровизирате. Во иднина, сигурна сум дека нашата продукција ќе изреализира таков проект, кој ќе биде сериозен и ќе го има ефектот што сакаме да го постигнеме.
Песната со која дебитиравте и ја постигнавте првата победа на „Макфест“ во 2003 година се вика „Нема одбрана“, но се добива впечаток дека сте многу храбра и силна жена, која никогаш не се предава.
– Комплетно сте во право, јас сум тип жена што точно знае што сака да постигне и работам на тоа додека не го остварам, некогаш ми требаат повеќе време и повеќе труд, некогаш е тоа спротивното, но не сум човек што се откажува од своите соништа. Иако по природа сум и длабок емотивец, па балансирам во дадени ситуации.
Заедно со пејачката кариера ве запознаеме и како ТВ-водителка во емисијата „Улица Македонија“. Дали ќе продолжи овој проект?
– „Улица Македонија“ е исто така мојата љубов, моето мало бебе, кое го пораснав до четвртата година, но некако во тој даден момент се презаситив од тоа, а и мојата музика многу ми недостигаше.
За Велигден ги израдувавте телевизиските гледачи и вашите обожаватели со едночасовно шоу, каде што пеевте ваши песни и домашни и странски хитови.
Всушност, тоа беше една лекција за сите што се занимаваат со оваа професија дека пејачот пред сѐ и над сѐ треба да знае да пее. Дали сте задоволна од одекот и коментарите по прикажувањето на шоуто?
– Благодарам на комплиментите, вашата констатација е мојата крајна цел. Тој видеоконцерт имаше идеја да ја врати музиката на телевизија што одамна ја нема, но и да ѝ подариме на публиката аудио и видеоуживање и по неговото прикажување. Да, на пејачите им е основна работа да пеат, и тоа добро, тоа им го должиме на гледачите, на публиката. Тие не се должни да ги трпат фрустрациите од некој што не знае да пее ама ќе се соблече и ќе сними разголени фотографии и извесно време ќе биде актуелен во јавноста. Мора да ги научиме помладите генерации дека има суштина оваа професија и не се брои со „лајкови“ и следбеници на социјални мрежи. Концертот имаше одлични реакции, навистина прекрасни и, еве најава, ќе има и втор дел.
Што мислите за актуелната состојба во македонската популарна музика, која не е баш розова?
– Ситуацијата не само што не е розова туку е и сива, но ние мораме нешто да правиме, мораме да продуцираме песни, да работиме. Ме радува што и покрај сѐ се снимаат песни, нови млади пејачи се појавуваат, а се будат и постарите колеги. Еве, се радувам што се враќа „Меморија“ со голем концерт. Точно, условите и атмосферата не се идеални, но ние како изведувачи мораме да работиме, да снимаме, ако не сакаме сѐ да згасне. Најлесно е да креваме раце и да викаме овде ништо не бидува, но ајде да размислиме што можеме ние да промениме!
На почетокот на кариерата одевте на часови по соло-пеење кај оперската певица Милка Ефтимова, како го чувате сега убавиот глас?
– Мојата драга професорка Милка Ефтимова ме научи на основни техники, кои подоцна ги надградував, и сум ѝ бескрајно благодарна на тоа.
Кој е најубавиот комплимент што сте го добиле за своето пеење?
– За мене најубавиот комплимент што го добивам за моето пеење е кога луѓето ми велат: „Бојана ми дојдоа солзи на очите и целото тело ми се наежи слушајќи ја песнава“. Има ли нешто поскапоцено од тоа вашата емоција да ја претворите во физичка реакција кај некого?
Речиси сите ваши песни имаат интересни спотови. Колку овие кратки филмови ви причинуваат задоволство кога ги снимате?
– Отсекогаш сум се трудела песните да бидат поддржани со видеа, и тоа квалитетни, и навистина уживам во целиот процес на создавање на спотот. Запознавам различни луѓе, секогаш секое снимање е посебно и е многу интересно. Некогаш лежам во ладен песок во декември, па пеам под импровизиран дожд….
Вашите две бисерчиња, ќеркичката и синчето, ве направија комплетна личност и им ја посветивте и прекрасната песна „Круна“, чиј автор е Николче Мицевски. Колку мајчинството ве направи подобар човек?
– Моите Искра и Ѓорѓи се мојата круна на животот и, да, тие ме сменија комплетно. Ме направија и најсилна и најкревка. Кога сте мајка, веќе немате лични приоритети и заборавате на егото.
Кое е вашето животно мото?
– Во последно време секојдневно повторувам една стара кинеска поговорка: „Бесниот и лут војник никогаш не ја добил војната“.Така е и во животот, сѐ може да се постигне ако трпеливо и смирено работите на тоа да стигнете до целта!