Фотографии: Игор Бансколиев

Во дворот на скопското општинско основно училиште „Јан Амос Коменски“, вчера напладне беа засадени 11 нови македонски чинари, во соработка и под покровителство на Општина Карпош.
Одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј продолжи со еколошки активности во ова училиште, а познатиот македонски писател Киро Донев на децата што беа вклучени во акцијата за засадување на дрвјата, учениците од прво до петто одделение, им подари свои книги, издание на „Македоника литера“.
Денешната екоактивност и засадувањето како иницијатива ја покажуваат грижата за состојбата на училиштата во оваа скопска општина, а во уредувањето на училишните дворови учествуваат и учениците.
Писателот Донев ја потпиша секоја подарена книга, а приреди и мал рецитал со своите песни. Во интеракцијата со децата учествуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски.

– Имаме богатство што треба да го чуваме и негуваме, имаме јазик и писмо што нѐ прави единствени и свои, а најдобар начин да го направиме тоа е преку будењето на свеста кај децата, па и кај возрасните, за моќта на јазикот. Уште од најмала возраст да им го облагородуваме духот на децата со убава и весела мисла и да им ги отвориме вратите на волшебниот свет на поезијата и на прозата – кажа Киро Донев.
Тој дополни дека и самиот е голем љубител на природата, а живиот свет околу нас е постојано присутен во неговите дела, како и пораките за негово зачувување.
Директорката на ООУ „Ј.А. Коменски“, Маја Старова, ја истакна важноста на организирањето вакви акции.
– Покрај акцијата за уредување на училишниот двор со долгогодишни автохтони дрвја, целата активност беше изведена со учество и на учениците, со што се потенцира важноста на заедничкото дејствување и грижата на сите нас за прашањата од општ, јавен интерес. Ваквите примери имаат и едукативен карактер и им ги посочуваат на децата вистинските вредности – рече Маја Старова.


Да ја развиеме љубовта кон природата

На засадувањето на чинарите присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
– Денеска имаме убав повод да се дружиме заедно и да дадеме придонес во раззеленување на нашата општина. Наедно упатувам голема благодарност за донацијата до групацијата „Аутомотив груп“. Целта на овој настан, драги деца, е кај вас да се всади љубовта кон природата, здравата животна средина и нејзиното зачувување, а со присуството на писателот Киро Донев се надевам дека кај вас ќе се поттикне и љубовта кон читањето. Ве поздравувам во име на Општината и се надевам дека соработката со ова и со другите училишта во Карпош ќе продолжи – изјави Стевчо Јакимовски.