Бугарија

Според бугарски медиуми, в недела ќе почне масовното преместување на украинските бегалци од хотелите во кои се сместени, откако беа таму прифатени по нивното напуштање на родната земја. Десетици илјади украински бегалци што се во бугарските одморалишта на Црно Море ќе мора да заминат до 1 јуни поради намалените владини субвенции и почетокот на сезоната на летни одмори.
Медиумите потсетуваат дека откако Русија ја започна својата воена операција на 24 февруари, а Украинците почнаа да бегаат од земјата, Бугарија, како и многу други земји од Централна и од Источна Европа, реши да им помогне, да ги прифати и да обезбеди сместување.
Од 97.000 бегалци од Украина што моментално се во Бугарија, околу 60.000, главно жени и деца, се сместени во одморалиштата, а бугарската држава им обезбедува 40 лева (22 долари) по лице дневно.
По напуштањето на хотелите, повеќе од 20.000 луѓе ќе бидат сместени во државните бази во земјата, соопшти окружната управа во Варна. Бегалците организирано ќе се превезуваат со возови. Во населените места каде што нема железнички станици, Украинците ќе се превезуваат со воени и приватни автобуси.
Во моментов во хотелите во Бугарија се сместени повеќе од 60.000 бегалци од Украина. Речиси 20.000 од нив решија да ја напуштат Бугарија во наредните денови, јавија локалните медиуми.

Подготвил: Марјан Велевски