Со тимот на Металург, освојувач на злато на ЕП 2017 за региони

Металург е еден од најуспешните клубови во историјата на карате-спортот во Македонија, постигнувајќи многу историски резултати, првпат остварени токму од натпреварувачи репрезентативци на Металург. Секако, голема заслуга за сите успеси остварени досега има бизнисменот Минчо Јорданов, оти без неговото финансирање ќе беа многу поскромни и резултатите. За еден натпреварувач да стане врвен спортист и репрезентативец, подготвен за највисоки спортски резултати, потребно е време и минување низ процес на напорни тренинзи и контролни натпревари, вели Јанушевски, кој во Металург е од 1970 година, а од 1975 година станува еден од тренерите во
клубот

МИРЧЕ ЈАНУШЕВСКИ, ТРЕНЕР НА МЕТАЛУРГ, КАРАТЕ-КЛУБОТ ШТО СЛАВИ 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Повеќекратниот клупски карате-првак на Македонија, Металург, годинава ќе го одбележи јубилејот 50 години постоење и успешна активност на татамите. Во својата богата домашна и меѓународна активност, боите на клубот ги бранеле голем број врвни каратисти/ки, кои на клупски и на репрезентативен план постигнале врвни резултати и освоиле мноштво медали од европски (ЕП), светски (СП), универзитетски првенства, балканијади… Металург го предводеле повеќе тренери, кои со задоволство и со голема умешност им ги пренесувале своите карате-вештини на генерациите што доаѓале. По повод јубилејот на Металург, разговаравме со еден од најзаслужните за клупскиот подем, сегашниот искусен тренер Мирче Јанушевски, кој во Металург е од 1970 година, од 1975 година станува еден од тренерите во клубот, а под негово водство клубот ги постигнува и највредните резултати.
– Металург е еден од најуспешните клубови во историјата на карате-спортот во Македонија. Опстојува и е успешен веќе 53 години (Металург е формиран во 1969 година, а одбележувањето на јубилејот се одложува поради пандемијата на ковид-19 – н.з.), постигнувајќи многу историски резултати, првпат остварени токму од натпреварувачи репрезентативци на Металург. Секако, голема заслуга за сите успеси остварени досега има бизнисменот Минчо Јорданов, оти без неговото финансирање ќе беа многу поскромни и резултатите – изјави Јанушевски.

Какво е чувството да се биде тренер на најтрофејниот клуб во македонското карате?
– Секако дека претставува големо задоволство, но наедно одговорност и обврска да се постигнуваат високи спортски дострели и во иднина.
Клубот е носител на многубројни медали од разни домашни и меѓународни првенства во борби и кати во разни возрасни категории. На што се должи сето ова, односно како се станува врвен каратист?
– Да се оствари врвен спортски резултат, односно да се освои медал од официјални европски и светски првенства е потребен висок степен на клупска организираност. А тоа значи да се има квалитетен систем на тренинзи, почнувајќи од подготвителниот период, каде што особено се обрнува внимание на физичката подготовка на каратистите, потоа преднатпреварувачкиот, натпреварувачкиот, како и преодниот период, со јасна утврдена програма и цел за врвни резултати. За еден натпреварувач да стане врвен спортист и репрезентативец, подготвен за највисоки спортски резултати, потребно е време и минување низ процес на напорни тренинзи и контролни натпревари. Особено се битни меѓународните турнири, каде што во конкуренција на репрезентативци од други држави се добива реална слика за можностите на каратистот. Ова е, всушност, показател како понатаму да се работи на тренинзите, што да се поправи, евентуално да се воведат одредени новини појавени во карате-спортот, во поглед на техниките, начинот на борба и итн. Што се однесува до тренинзите за кати, со оглед на тоа што нема директен контакт со противникот, клучно е да се има беспрекорна техника, ставови, одлична физичка подготвеност и, секако, сето тоа да се вклопи во еден реален ритам, кој на најдобар начин би ја претставил борбата со замислениот противник.
Верувате ли дека каратето, како еден од најмасовните спортови во светот, повторно ќе биде дел од олимпиското семејство, а со тоа наедно ќе биде исправена една голема спортска неправда?
– Да се биде дел од олимписките спортови, секако, е желба на сите што се занимаваат и имаат допирни точки со карате-спортот. Самиот процес на одлучување што ќе биде олимписки спорт, често е нетранспарентен и контроверзен, меѓутоа тешко дека нешто може да се влијае на него. Вообичаено се поставуваат одредени критериуми што секој спорт треба да ги исполни ако сака да биде олимписки и во зависност од тоа колку спортови конкурираат, може да биде избран. За да се постигне олимписки резултат, пак, потребна е посериозна организираност на ниво на држава, затоа што кога карате-спортот стана олимписки (ЛОИ Токио – н.з.), инвестициите во него од побогатите земји енормно се зголемија, што, објективно, нашата држава не можеше да го направи тоа. На пример Јапонија, организаторот на ЛОИ, на турнирите од Премиер-лигата испраќаше по стотина каратисти и тренери. Во меѓувреме, во исчекување карате-спортот повторно да добие место на ЛОИ, потребно е претходно да се завршат некои работи, односно како да се издигне нивото на карате-спортот во Македонија и да се најде начин да се надминат детските болести, како што се плаќање од страна на натпреварувачите и клубовите за учество во репрезентацијата на ЕП и СП и на тој начин најдобрите спортисти да бидат во репрезентацијата, оти, сепак, тие ја претставуваат државата, а не клубот или родителот, кои го финансираат тој настап.
Каква е разликата од времето кога вие ги правевте првите чекори на татамите во клубот и денешната состојба, бројот на членови…?
– Почетоците на карате-спортот беа обележани со една мистичност. Во прво време се работеше за карате-вештина, која набрзо беше прифатена како спорт и почнаа да се одржуваат првите првенства и турнири. Секако дека подоцна каратето како спорт одигра многу афирмативна улога за Македонија, постигнувајќи врвни спортски резултати, а првиот златен медал за Македонија по осамостојувањето го освои каратистот Елвир Куртановиќ (ЕП за кадети и јуниори во Велс во 1993 година – н.з.). Што се однесува до членството, помина првичниот период на еуфорија кога во салите можеа да се видат и до 80-100 каратисти, сега тоа е помалку, но, сепак, каратето останува како еден од најмасовните спортови.

Мирче Јанушевски со Иво Цветковски, спортистот на Македонија за 2007 година и освојувач на сребро на ЕП 2007

Колекционер на трофеи, признанија, успеси…

За постигнувањата во карате-спортот, Мирче Јанушевски доби повеќе општествени и спортски награди и признанија од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), Град Скопје и од Агенцијата за млади и за спорт (АМС). Тој е прогласен за најуспешен тренер на млад спортист за 2005 година, најдобар тренер за 2006, 2007, 2008, 2011, 2012 година (од КФМ), најдобар тренер за 2007-та на Скопје (од Сојузот на спортови на Скопје), трет за 2007-та во Македонија (од АМС и Сојузот на спортови на Македонија), добитник на наградата „13 Ноември“ за спорт за 2010-та, најдобар тренер за 2015-та на Град Скопје (од Сојузот на спортови на Скопје).
Јанушевски има тренерски лиценци од Светската карате-федерација, акредитиран тренер за кати и борби и сертифициран тренер за борби. Во 1980 станува главен тренер за сите селекции во борби и во кати. Како тренер постигна врвни спортски резултати, поединечно и екипно во борби и во кати со сите селекции на државни првенства, Првата карате-лига, балкански, медитерански, европски, светски првенства и европски игри. Од 1998 до 2002 година ја врши функцијата селектор за кати на македонската репрезентација, а од 2004 до 2012 година е помошник-селектор за борби на сениорската репрезентација. Дипломирал на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а потоа и магистрирал. Работниот век го минува во „Рудници и железарница Скопје“. По магистрирањето работи како научен соработник во Институтот при РЖ, а подоцна се префрлува во „Макстил АД“, каде што и се пензионира. Во 1982 година, на факултетот за Физичка култура во Скопје се стекнува со звањето тренер по карате-спорт.