Зошто голем дел од јавност ѝ приоѓа со сомнеж на веста за воспоставувањето канонско единство на Вселенската патријаршија и Македонската православна црква? Навидум станува збор за прекрасна вест. Светиот синод на Вселенската патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј, „ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз МПЦ и ја призна црковната хиерархија, предводена од архиепископот Стефан, за канонска и валидна во сеправославниот свет“ и меѓусебно воспостави канонско и литургиско општење. Имајќи предвид дека во светот на православието секој посебен народ, во етничка смисла, има своја автокефална (самовозглавена) црква, овој акт на Вселенската патријаршија беше поздравен безмалку од севкупниот политички врв во Македонија, како и од најголемиот дел на високото свештенство при самата Македонска православна црква. Меѓутоа, не треба воопшто да изненадува сомничавоста на целокупниот македонски народ и претпазливиот приод на верниците кон оваа одлука. Впрочем, и минатиот пат кога „В Охрида од Цариграда дошел Салаор“ не стигнаа добри вести.
Иако фразата „историјата е учителка на животот“ дејствува премногу излитено, сепак искуството е непроценлив извор на лекции за иднината. Македонците имаат целосно право да не веруваат на ниту една вест што доаѓа од Фанар, особено не од византиските кругови. Не може да се избришат тукутака над илјада и двесте години лоша историја, изградена врз крвта и коските на македонскиот народ и на неговите просветители.
Всушност, во историјата на македонскиот народ само една позитивна придобивка произлегла од Вселенската патријаршија. Тоа е одлуката на патријархот Фотиј, од IX век, да ги ангажира најучениот Византиец, пардон Ромеј по новата терминологија, Константин Филозоф и неговиот брат Методиј, во проектот за превод на Светото писмо и на другите книги за богослужба на словенски јазик. Нормално, и оваа одлука не била донесена заради некаков алтруизам или како чин на добродетелство кон Славјаните, туку како генијален дипломатски маневар на византискиот двор и на Византиската црква во нивната борба со Рим и со Светото Римско Царство за превласт над Европа и над многубројните славјански населби, распослани од Централна Европа, па до руските степи.
Ете, тоа е единствениот добар потег на Вселенската патријаршија за македонскиот народ. Благодарение на дејноста на Свети Кирил и Методиј, како и подоцна на нивните ученици и следбеници, македонскиот народ успеал да си ја одбрани својата, посебно преку книгата и писмото, тогашниот најзначаен израз на националната култура.
Меѓутоа, оттогаш, па до денешни дни, Вселенската патријаршија била предводникот на одродувањето на македонскиот народ и на негова хеленизација. Нашата милениумска културна и духовна историја е повест на една нерамноправна и крвава борба со моќниците од цариградската аристократија, кои живееле на наш грб и сакале да нѐ погрчат.
Ете, затоа Македонците се сомничави кон сè што доаѓа од Фанар, вклучувајќи го и ова соопштение на Вселенската патријаршија и на нејзиниот синод, „лицем светци, срцем в’лци“, како што мошне јасно и сликовите ги опиша Глигор Прличев, инаку добар познавач на „ромејската духовна аристократија“.
Вековниот стремеж на македонскиот народ за обнова на Охридската архиепископија, исто така, е порив за обнова на нашата, словенска и Македонска црква, независна од Цариград и од тамошната „ромејска духовна аристократија“. Низ вековите духот на македонската култура и посебноста на македонскиот народ ги бранеле многубројните безимени свештеници, поповите на најнискиот ранг на црковната хиерархија што умееле да зборуваат, да пеат и да проповедаат на македонски јазик.
Нашиот македонски мит за Охридската архиепископија е митот за обновата на црквата воспоставена од царот Самоил, краткиот историски пламен на културна слобода, кога владиците и целата црковна хиерархија биле домашни Славјани, наши предци, кои богослужеле на наш славјански јазик. За жал, Охридската архиепископија, организирана од Василиј II, сè до нејзиното укинување во 1767 година била само еден од инструментите за хеленизација на македонскиот народ (и на другите балкански словенски народи) и симбол на грчкото духовно ропство.
Дури и ден-денес нашиот народ има проблем да го прифати авторитетот на владиците, затоа што со векови неговите владици (да, од таа средновековна Охридска архиепископија) биле странци, Грци, аристократи од Фанар, омразени од славјанското население, затоа што не само што не говореле на локалниот славјански јазик туку не ни сакале да го научат, го исмевале, го омаловажувале и понижувале (и јазикот и народот), а сакале и да го наметнат исклучиво грчкиот јазик во богослужбата, во тогаш оскудните школи и во говорниот јазик. Исто така, „владикарината“ била еден од најнепопуларните даноци наметнати на обичниот народ, данок за секој црковен обред, за секое крштевање, венчавка или погреб, секоја семејна прослава и впишување во црковните книги, тогаш единствена матична евиденција. Грчките владици, презрени од македонскиот народ, гледале само да се збогатат, да си ги наполнат бисаѓите и да се вратат во „цивилизираниот“, поточно несловенскиот свет. Да не заборавиме и дека авторитетот на тогашните грчки владици од Вселенската патријаршија, таа „ромејска духовна аристократија“, не почивал на нивното прифаќање од македонскиот народ, туку бил поддржан исклучиво од отоманскиот јатаган. Османското световно ропство и грчкото духовно ропство биле јаремот на македонскиот народ со векови.
Целата наша преродба, целото наше национално будење како посебен народ, започнува како отпор против грчката духовна власт, возглавена од вселенскиот патријарх и неговите владици, пардон „ромејската духовна аристократија“. Првиот чин на пркос на македонскиот народ во ерата на разбудените нации е, всушност, бркањето на грчките владици од нашите македонски цркви. Денес слушам налудничави тези дека црквите и манастирите ѝ припаѓале на Вселенската патријаршија, но нашиот народ добро знаел дека тогашните врховни културни установи биле отсекогаш негови, народни, славјански и македонски, па си го вратил суверенитетот со чинот на бркање на грчките владици.
Денешниот клер на Македонската православна црква е израснат врз надежите, оскудните средства и стремежите на македонскиот народ за сопствена црква и за наши, македонски владици, кои ќе проповедаат на нашиот мајчин, македонски јазик. Нашата прва национална борба беше за востоличување на македонски народни владици и за прогон на „ромејската духовна аристократија“. Најславни жртви на оваа наша народна борба против Вселенската патријаршија беа браќата Миладиновци, кои Фанар ги испрати во смрт во турските затвори, но покрај нив многумина славни дејци на македонската преродба Вселенската патријаршија ги испрати во смрт или во сургун.
Има ли подобар споменик на македонската национална борба против Вселенската патријаршија од сегашната Македонска православна црква, поддржана, изградена и одбранета од македонскиот народ, кој дневно го дава неговиот томос за автокефалност (самовозглавеност) на сопствената црква. Џабе ѝ е на ПОА на Јован Вранишковски канонскиот статус без верници.
И да не продолжувам понатаму… Сите мои пријатели Егејци, поточно Македонци со потекло од егејскиот дел на Македонија, се атеисти токму затоа што во нивното семејно искуство, црквата, возглавена од вселенскиот патријарх, била главната алатка за погрчување на нивните семејства. Владиката Каравангелис направи крвави колежи во најздравата област на македонскиот народ, за да ги одроди Македонците и сите овие злодела се направени во име и со благослов на Вселенската патријаршија.
Ние не сме „напатени чеда на ромејската духовна аристократија“, туку ние сме напатени чеда од вековните злодела на Вселенската патријаршија против самобитноста на македонскиот народ, неговата култура и идентитет.
Така што сосема е разбирлива сомничавоста на македонскиот народ кон оваа вест. Не само тоа туку и европските ветришта на војната, замешателствата на моќни туѓински сили во ова време невреме и крвничката политика на соседите кон македонскиот народ, здивена по Преспанскиот договор, не мириса на ништо добро за македонскиот народ.
Не знам што ќе донесе оваа одлука на Вселенската патријаршија, но знам дека тие немаат намера да се извинат за сите нивни злодела кон македонскиот народ. Оставам само аманет еден ден на вечното патување да ме испрати поп, Македонец и патриот, но никако не некој свештеник фанариот. Моите предци доаѓале и си заминувале од овој свет опеани на старославјански и на македонски јазик, се венчавале, прославувале и тажеле на старославјански и на македонски јазик, сонувале и ја отсонувале, гинеле и копнееле за да ги создадат Македонската православна црква и Македонија. Па, секако дека не смее јас и мојата генерација да ги изгубиме, барајќи ги признавањето и прифаќањето од нашите крвници, негатори и поробувачи. Македонската православна црква и Македонија ќе постојат додека постојат македонскиот народ и неговата желба за сопствена црква и држава, а тоа е единственото признавање што им е потребно за да опстанат и на црквата и на татковината.
Автор: Ивица Боцевски