Пелагонискиот Регион се наоѓа во инфраструктурен инвестициски бум, кој ќе продолжи и во наредниот период, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средба со стопанственици од регионалните стопански комори од Битола и Прилеп.
Тој информираше за тековните проекти и најави нови инвестиции, нагласувајќи дека Владата има цел да го поттикне економскиот развој на регионот преку значајни инфраструктурни вложувања.
Меѓу најавените проекти се:
- изградба на обиколница кај Прилеп
- реализација на топловоден систем за Битола
- продолжување на процесот на гасификација во регионот
– Во овој регион навистина се случува инфраструктурен бум и тоа ќе продолжиме да го развиваме – изјави Николоски, додавајќи дека за општините се обезбедени околу 250 милиони евра за дополнителни проекти.
Тој се осврна и на железничката пруга кон Грција, оценувајќи дека проектот е во застој поради состојбата во грчкиот железнички систем, кој се уште се опоравува по тешка несреќа.
– Во овој момент не може да се очекува брзо отворање на тој коридор, поради проблемите од грчка страна – рече Николоски.
Претставниците на стопанството од регионот побараа продолжување и засилување на инвестициите, посочувајќи дека Пелагонија има значаен економски потенцијал со околу 8.000 компании и стабилен раст на извозот.
Претседателот на Регионалната стопанска комора во Битола, Мирко Велковски, истакна дека клучни приоритети се подобрување на патната инфраструктура, изградба на обиколници и модернизација на железничката мрежа кон Грција.
На состанокот присуствуваа и заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, заменик-министерот за финансии Николчe Јанкуловски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
































