Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните, во врска со мерките за субвенционирање од страна на локалната самоуправа, за одредени форми со кои се подига квалитетот на живеењето, велат дека финансиската поддршка е и повеќе од добредојдена во овие времиња, а посебно годинава, кога сѐ е драстично поскапено. Некои од нив велат дури и дека набавуваат велосипеди само за да избегнат возење автомобил, чие користење станува вистински луксуз. Но од друга страна, граѓаните се сѐ повеќе свесни дека со користењето велосипед или тротинет, кои ги субвенционира општината, тие сите заедно придонесуваат за почиста околина, почист воздух, почва и вода…

ОПШТИНСКО СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ЗАРАДИ ПОКВАЛИТЕТНО ЖИВЕЕЊЕ

Со цел намалување на сообраќајниот метеж, но и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во главниот град, голем дел од општините веќе неколку години во пролетните месеци ги субвенционираат граѓаните за набавка на велосипеди и електрични тротинети. Условите за добивање паричен надомест за набавка на овие превозни средства се различни од општина до општина, меѓутоа, за граѓаните овој потег од надлежните е за поздрав, бидејќи велосипедизмот е од огромна важност не само за воздухот туку и за здравјето на граѓаните.

ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ОПШТИНИТЕ СО ПОДДРШКА НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ, КАКО ФОРМА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВЕЕЊЕТО

Општина Карпош уште при крајот на месец март го затвори огласот за субвенционирање за велосипеди и електрични тротинети, поради исцрпување на средствата. Карпошани очигледно се велосипедски граѓани, па набрзина аплицираа за да добијат поврат на финансиските средства.
Износот предвиден од оваа општина за субвенционирање изнесува 600 илјади денари, а од Општината информираат дека се работело по принципот прв дојден, прв услужен.
Со финансиска поддршка за набавка на електрични тротинети и велосипеди излезе и Општина Ѓорче Петров, која од својот буџет одвои 150 илјади денари за реализација на проектот.
– Средствата што ќе ги субвенционира Општината се во висина од 50 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од три илјади денари по лице и 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од седум илјади денари. Проектот ќе се спроведува по принципот прв дојден, прв услужен – информираат општинските власти.
Поддршка за набавка на велосипеди, електрични тротинети и електрични велосипеди дава и Општина Центар.
– Ајде на точак, за заштита на животната средина и помал метеж во сообраќајот. Биди фраер, качи се на точак или вози тротинет – напиша градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, на својот профил на Фејсбук.
Кисела Вода нема да дава субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети. Во план е оваа година да се субвенционираат граѓаните за набавка на печки на пелети за индивидуални домаќинства, во износ од еден милион денари.
– Субвенции во износ од вкупно шест милиони денари се обезбедени и за обнова на покриви и фасади за згради за колективно домување – велат од Општината.
И Гази Баба годинава ќе ги мотивира граѓаните да набават, а потоа и да користат еколошки превоз.
– За првпат на територијата на општината Гази Баба се воведени субвенции за купување велосипеди. Во тек е јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на општината Гази Баба за купување велосипеди во 2022 година. Општина Гази Баба, со цел да ги стимулира жителите од својата општина за користење велосипеди, на граѓаните што ќе купат нов велосипед во период од објава на јавниот повик, 11.4.2022 година, сѐ до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик, ќе им надомести дел од трошоците направени при купувањето велосипед. Ги повикувам граѓаните да аплицираат – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Средствата што Општина Гази Баба ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

ПОДДРШКА ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА

Граѓаните со години ги користат овие мерки од страна на општинските власти. Велат дека финансиската поддршка е и повеќе од добредојдена во овие времиња, а посебно годинава, кога сѐ е драстично поскапено. Некои од нив велат дури и дека набавуваат велосипеди само за да избегнат возење автомобил, чие користење станува вистински луксуз.
– Сѐ е драстично поскапено. Едвај чекавме со сопругата да излезе повикот од Општина Карпош за да аплицираме за субвенции, бидејќи живееме во Карпош, работиме во Аеродром и финансискиот трошок од секојдневното возење автомобил едноставно не можевме да го издржиме. Затоа сега, со велосипеди ќе ни биде многу поевтино, но и побрзо, бидејќи ќе го избегнеме градскиот метеж што секој ден го минуваме во утринските и во попладневните сообраќајни шпицеви – вели Милош Николовски.
За поборниците за здрава и чиста животна средина, овој потег е и повеќе од добредојден и кон него треба да се приклучат сите општини и градови во земјава.
– Велосипед може да се вози и во зимскиот период кога условите го дозволуваат тоа. Со добра опрема, добри гуми, добро облечени, ниските температури не се проблем за возење велосипед. Велосипедите посебно треба да се користат во зимските месеци, бидејќи тогаш загадувањето на воздухот речиси низ цела Македонија е енормно. Со користењето велосипеди, сите заедно барем делумно ќе придонесеме за намалување на загадувањето на воздухот – вели Силвана Милевска.

[email protected]