Какви демократски стандарди презентира ЕУ за Македонија, кога нив не ги исполнуваат ни нашите најблиски ЕУ-соседи, кои треба да бидат најблизок пример и модел за тоа како треба да се спроведуваат демократските принципи и владеењeто на правото, по „европски образец“. Имено, Грција и Бугарија не го достигнуваат востановеното ниво на ЕУ-стандардите во повеќе сфери. Европски реномирани институции во своите истражувања констатираат дека таквите состојби во Бугарија и во Грција се драстично изразени во сферата на (не)ефикасноста на правосудните системи, корупцијата, медиумските слободи, во признавање на правата на малцинствата…
Во окружение од членки на ЕУ што се далеку под нас во рангирањето според европските критериуми
По многу години откако Бугарија беше најлошо рангирана земја во ЕУ во однос на слободата на медиумите, Светскиот индекс за слободата на медиумите за 2022 година во вторникот (3 мај) прикажа слична слика: Бугарија сосема малку се подобри, додека влошената медиумска ситуација во Грција ја испрати таа земја до дното.
Бугарија се искачи за 21 место во последното издание на годишниот извештај на „Репортери без граници“ (РБГ) и тешко ѝ оди во обидите да не е „црната овца“ на ЕУ. Истражувањата констатираат дека корупцијата, недоволната независност и ниската ефикасност на правосудниот систем ја прават државата нефункционална.
Во 2021 година, Бугарија се најде на 112-то место од 180 земји што беа вклучени во истражувањето, што е нејзино најлошо рангирање досега. Бугарија годинава се искачи на 91-то место.
Како што објаснуваат од „Репортери без граници“ (РБГ), еволуцијата е резултат на промената на власта, по 12 години речиси непрекинато владеење на конзервативниот премиер Бојко Борисов, за време на кое слободата на медиумите беше во опаѓање и одредени места беа користени за остварување политичко влијание. Бугарија помина низ серија предвремени избори во 2021 година и има нова влада, која ја прогласи антикорупцијата за свој главен приоритет.
Сепак, таму остануваат многу проблеми, а посебно во медиумскиот сектор.
– Корупцијата, недоволната независност и ниската ефикасност на правосудниот систем ја прават државата често беспомошна да реагира при кршење на слободата на медиумите. Независните медиуми и истражувачките новинари се редовно жртви на навредливи постапки или т.н. СТПУЈ (Стратегиски тужби против учество во јавноста) – се вели во извештајот на „Репортери без граници“ (РБГ) за Бугарија.
Осврнувајќи се на Стратегиските тужби против учеството на јавноста, од РБГ велат дека таквата стратегија е наменета за заплашување на новинарите и медиумите.
Од друга страна, пак, нашиот јужен сосед, Грција, во рангирањето падна од 70-то место во 2021 година на 108-то, односно, во најлошото рангирање за членка на ЕУ. Рангирањето е дури и под она на која било земја-кандидат од Западен Балкан, каде што најлошо е рангирана Албанија (103-та)!
На пример, според „Репортери без граници“ (РБГ), слободата на печатот во Грција претрпи сериозни неуспеси во 2021 и 2022 година, при што новинарите редовно беа спречувани да покриваат прашања од миграцијата до ковид-19. Освен тоа, атентатот на новинарот ветеран за криминал, Јоргос Караиваз, во април 2021 година и понатаму останува нерешен, и покрај ветувањето на Владата за брза истрага. Караиваз беше застрелан пред неговиот дом во Атина среде бел ден.
Јавната доверба во медиумите во Грција останува меѓу најниските во Европа, бидејќи секторот е многу фрагментиран и главно е во сопственост на неколку поединци, кои се исто така активни во други високорегулирани сектори. Јавните медиуми сè уште немаат независност, а неодамнешните измени на Кривичниот законик „дозволуваат непропорционално ограничување на слободата на печатот врз разнишани правни основи“.
– Ова е спротивно со меѓународните обврски на Грција и европските правни стандарди, претставува сериозна закана за правото на новинарите да објавуваат информации во јавен интерес и го зголемува ризикот од самоцензура – се вели во извештајот на РБГ.
Новинарките редовно мора да се справуваат со сексизмот, додека екстремните леви и десни активисти се склони да ги напаѓаат медиумите што ги сметаат за „идеолошки непријатели“.
Полицијата, исто така, беше жестоко критикувана дека редовно прибегнува кон насилство и произволни забрани за да го попречи новинарското покривање на демонстрациите и бегалската криза. Извештајот, исто така, се осврна на кампањата за клеветење против холандски новинар што го повика премиерот Киријакос Мицотакис за одбивањето на мигрантите.
Состојбата констатираната во извештајот на „Репортери без граници“, речиси предизвикувачки го наметнува прашањето – кое ниво на демократски стандарди го бара ЕУ од Македонија, кога земјава е опкружена од земји-членки на Унијата што се далеку под нас во рангирањето за исполнување на тие европски критериуми: од ниската ефикасност на правосудните системи, преку владеење на правото, слобода на медиумите, преку борба со корупција, до почитување на права на малцинствата… Грција со 108-то место на листата и Бугарија со 91-та позиција се наречени и „црни овци“ на ЕУ во однос на медиумските слободи. Колку за споредба, Македонија годинава е рангирана на 57-то место според слободата на медиумите.
– Од ЕУ воопшто, а особено од некои нејзини членки и не може да се очекува ниту принципиелност ниту правичност во однос на темата поврзана со исполнување на демократските стандарди. По примерот на нејзиното и на нивното наводно немешање во релациите меѓу нас и Бугарија, каде што во самата Унија егзистира непринципиелност, каде што една нивна членка флагрантно ги крши елементарните цивилизациски принципи негирајќи цел еден народ, нејзиниот индолентен однос кога нејзина членка практично ги испогани сите принципи на ЕУ. Оттаму ништо не може да се очекува и сега кога една нечленка на ЕУ има повисок рејтинг во однос на демократијата низ призмата на медиумските слободи. И низ овој пример се покажува дека „змијата нема да си ги покаже нозете“. Но, еве, нека гледа Брисел каде сме ние, а каде (во однос на медиумската демократија) се некои нејзини членки, па нека „продолжат“ да нѐ блокираат – прави споредба на состојбите новинарот Зоран Иванов.
Сепак, без оглед на подобрата позиција на Македонија од нејзините ЕУ-соседи, во однос на медиумските слободи, Ивица Боцевски, поранешен амбасадор и вицепремиер за европски прашања, укажува на некои индикативни состојби во македонскиот медиумски простор, кои не се сосема во согласност со стандардите за слобода на говор.
– Основната задача и цел на дејноста на медиумите е да го бранат јавниот интерес, но многу дискутабилно е кога тоа се прави од кабинетот на претседателот на државата. Веројатно првпат, од времето на Јосип Броз Тито, се случува некои новинарските здруженија Денот на слободата на медиумите да го одбележуваат во кабинетот на претседателот на Македонија, како што се случи годинава. Таквиот начин на одбележување на независноста на медиумското работење лесно наведува на впечаток за системско потиснување на слободата на изразување. Во земја во која новинарски здруженија Денот на медиумските слободи го одбележуваат во кабинетот на претседателот, индикативно наведува на многу работи, но не и на слобода на говор – вели Ивица Боцевски, кој и покрај резултатите од рангирањето на „Репортери без граници“, има впечаток дека од 2017 година, во делот на медиумските слободи, Македонија сепак назадува.