Распишан поетскиот конкурс „Антево перо“

Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ распишува конкурс за доделување на наградата „Антево перо“, востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски, за 2022 година

Пропозиции:
1. Наградата „Антево перо“ за 2022 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).
2. На Конкурсот можат да се јават сите автори што имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат.
3. Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
4. Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на самата манифестација.
5. Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена Комисија, во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (професорка, писателка и книжевна критичарка), д-р Атина Цветаноска (книжевна истражувачка) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски). Третиот член има право на вето на одлуката на Комисијата, доколку смета дека делото што Комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски или го навредува јавниот и естетскиот вкус.
6. Ракописите треба да бидат напишани во Тајмс њу роман, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат ПДФ или Ворд на електронската адреса: [email protected] заклучно со 28 август 2022 година.
7. Кандидатите можат да го достават ракописот под свое име и презиме или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите.
8. Кандидатите не мора да го чекаат последниот рок, затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат.
9. Комисијата ќе ја соопшти својата одлука за време на манифестацијата кон средината на септември 2022 година.