Управување моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Сите оние што сметаат дека е „океј“ да имаат испиено неколку пијачки пред да седнат зад воланот ги потсетуваме дека вреди да се размисли пред да направат нешто непромислено бидејќи утрешниот ден носи нешто ново и поубаво, наведено е на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

Продолжениот викенд ја збогати полициската статистика со регистрирани возачи под дејство на алкохол

 

Безбедноста во сообраќајот секогаш треба да биде на прво место, а тоа значи дека важноста на безбедноста не се намалува кога ќе дојде некој празник или продолжен викенд. Празничниот продолжен викенд не беше слободен за сообраќајната полиција, која, за жал, констатира голем број прекршувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, посебно од возачи во алкохолизирана состојба.

ЗГОЛЕМЕНО ПРИСУСТВО НА СООБРАЌАЈНАТА ПОЛИЦИЈА

Според анализите и статистиките на Министерството за внатрешни работи, граѓаните што го искористија празничниот споен викенд за пикници и семејни собиранки, се напиле и алкохол, а потоа се дрзнале да влезат во своите автомобили и да управуваат моторни возила.
Во текот на први мај, за само пет часа, односно во периодот од 17 до 22 часот, сообраќајната полиција спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возачите што управуваат возила под дејство на алкохол на територијата на Македонија.
Според статистиката, при контролата биле откриени и санкционирани 142 возачи под дејство на алкохол, кои веднаш биле исклучени од сообраќај и им биле изготвени законски предвидените поднесоци.
Аларм за полициските власти беа и возачите во тетовско-гостиварското подрачје, каде што биле фатени 21 возач под дејство на алкохол.
Од Секторот за внатрешни работи апелираа до возачите да се воздржат од консумирање алкохол кога седнуваат зад воланот и посебно да внимаваат со колкава брзина се движат, односно да ја приспособат брзината според условите на патот, но и кога и каде престигнуваат.
Слично беше и во туристичкиот бисер Охрид, каде што полицијата, само во вечерните часови во периодот од 22 со четири часот наутро, санкционира шестмина возачи во алкохолизирана состојба.

АЛКОХОЛОТ „ЗАШТИТЕН ЗНАК“ ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИТЕ?!

За дел од учесниците во сообраќајот, управувањето моторни возила под дејство на алкохол е една од најнеодговорните работи што еден возач може да ги направи.
– Иако времето не беше убаво, сепак со моите деца шетавме низ градот. Во некои делови од градот низ улиците се забележуваше понекој возач што управува со автомобил под дејство на алкохол. Наместо во својата, возеа во другата лента. На излетничките места на Водно и на Скопска Црна Гора каде што повеќето од граѓаните имаат викендички или, пак, нивни блиски роднини и пријатели имаат викенд-куќи, евидентно беше присуството на алкохол, чија консумација традиционално е зголемена кога се споени празнични викенди – вели Марјан Трајаноски.
Светската статистика вели дека на годишно ниво, 1,3 милион луѓе годишно ги губат своите животи во сообраќајни незгоди.
– Управување моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици во Република Македонија и во светот. Сите оние што сметаат дека е „океј“ да имаат испиено неколку пијачки пред да седнат зад воланот ги потсетуваме дека вреди да се размисли пред да направат нешто непромислено бидејќи утрешниот ден носи нешто ново и поубаво – наведено е на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.