Фото: Игор Бансколиев

Американците веќе применија санкции врз луѓе блиски до бугарскиот премиер Бојко Борисов, а како еден вид американски санкции беше протолкувано и неодамнешното одложување на испораката на американски воени авиони за Бугарија. Во таа насока може да се протолкува и најавата на конгресменката Клаудија Тени, која вели дека размислува да формира коалиција во американскиот Конгрес што би работела на можни санкции против Бугарија, токму поради ветото кон Македонија

САД незадоволни од наметнатото
бугарско вето за Македонија

Последниот период зачестија посетите на високи американски претставници на Македонија, при што уште еднаш беа упатени отворени пораки до Бугарија дека мора да го тргне ветото и земјава во јуни да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, што на некој начин може да се протолкува како нов засилен притисок на Вашингтон врз Софија да не ги попречува македонските евроинтеграции.
Оваа практика на „опоменување“ не е нова и се повторува со години, но освен вербалниот тон што се упатува до Софија, во практика не се преземаат вистински форми на притисок или некакви санкции што би покажале дека САД не се шегуваат и дека Бугарија не смее да ги загрозува нивните стратегиски планови на Балканот. Американците веќе применија санкции врз луѓе блиски до бугарскиот премиер Бојко Борисов, а како еден вид американски санкции беше протолкувано и неодамнешното одложување на испораката на американски воени авиони за Бугарија.
Во таа насока може да се протолкува и најавата на конгресменката Клаудија Тени, која вели дека размислува да формира коалиција во американскиот Конгрес што би работела на можни санкции против Бугарија, токму поради ветото кон Македонија, но дека фокусот треба да биде врз санкции што би имале некаков ефект.
– Би сакалa да видам повеќе информации за тоа што, всушност, може да биде ефективно во однос на санкциите. Понекогаш иницираме санкции и тие не се ефективни… Можеби треба да имаме подобра стратегија што, всушност, би ги испровоцирала Бугарите до ситуација да ги запрат напорите за дестабилизација и на многу начини навредливите потези што ги прават, наспроти, знаете, санкции што нема да имаат никакво влијание врз нив. Mислам дека треба да одредиме кои би биле најефективните санкции, ако се одлучиме за тој пат. И дали тие воопшто ќе бидат ефективни. Значи, сакаме да се погрижиме да имаме позитивен исход. Не сакаме да предизвикуваме на некој начин неправилно однесување што го гледаме од нив, секако, безобразно на многу начини – вели Тени.

Повеќе од сигурно е дека посетите на американските функционери на земјава и апелите до Софија да го крене ветото се во функција на храбрење на Македонија да опстои на европскиот пат, но реално САД во овој момент тешко ќе најдат начин како да го санкционираат однесувањето на Бугарија без да се наруши нивниот партнерски однос, особено ако се има предвид геостратегиската важност што ја има Бугарија во фокусот на украинската криза.
– Големите сили можат да применат и санкции за да ги остварат нивните интереси. Сведоци сме што се случува во светот. Тоа можеше и сè уште може да го стори и Брисел, без да го чека Вашингтон, бидејќи станува збор за ЕУ-членка што е под режим на набљудување и санкции поради неизвршување пресуди на Европскиот суд за човекови права. Бугарија врши флагрантно кршење на меѓународното и европското право. Бугарија врши специјална војна врз Македонците и Македонија и таа авантура мора да заврши – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и добар познавач на американските политички услови.
Според него, Македонија не треба да чека за да види како би резултирал американскиот притисок или евентуалните санкции врз Бугарија, туку самата да почне да дејствува.

– Независно од епилогот на САД-притисоците, Македонија мора веднаш и безусловно еднострано да го раскине договорот Заев – Борисов, на тоа нè обврзуваат и референдумот од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември 2018 година. Македонците се за историско македонско-бугарско помирување и договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип од Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право на „суверена еднаквост“ што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи. Од пријатели никогаш доста – порачува Петров.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека санкциите што во моментот се воведени кон Русија, но и кон лица од Западен Балкан, всушност, покажуваат што сè можат Американците да преземат ако некого сакаат да санкционираат.
– Доволно е да се погледне целата палета на мерки против Русија во актуелната криза или, барем, листата на лица од Западен Балкан што го загрозуваат мирот во регионот, а која ја изработува американското министерство за финансии, поточно Секретаријатот за ризница (трезор) – вели Боцевски, коментирајќи што сè стои како алатка за нечие санкционирање во насока на дисциплинирање.
Тој, осврнувајќи се на изјавата на конгресменката Тени, не отфрла можност таа да е дадена со малку поинаква цел.

– Треба да се види колку Македонци гласаат во нејзиниот изборен округ. Како и секоја конгресменка од Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, и таа подлежи на реизбор оваа есен во ноември, а вакво ветување може да биде интересен обид за привлекување на македонскиот глас, доколку постои во нејзиниот изборен округ – појаснува Боцевски.
Инаку, поранешниот вицепремиер категорично отфрла секаква можност Американците во овој момент да ѝ воведат некакви санкции на Бугарија поради ветото на Македонија, туку притисокот и натаму ќе го прават само со изјави дека ветото треба да се тргне.
– Во актуелните услови, како една од двете членки на НАТО што излегува на Црно Море, не постои никаква шанса САД да влегуваат во санкции кон Бугарија, дури ни во сферата на имагинарното. Ниту, пак, некој сериозно размислува во САД на таа тема, а за дебата не станува ни збор – потенцира Боцевски.
Слична теза застапува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, за кого малку е веројатно сега САД ќе ѝ наметнат фокусирани санкции на Бугарија поради Македонија…

– Американците пред извесно време им воведоа санкции на луѓето блиски до Борисов поради криминалот и покажаа дека го користат таквиот пристап кога не се задоволни од одредени состојби, но дека сега би вовеле некои други санкции кон Бугарија, тоа е малку веројатно. Ова повеќе ми наликува на некаков спин, чисто да помислиме дека, еве, има некој што стои зад нас, иако реално никој не стои зад нас во спорот со источниот сосед – заклучува Пекевски.