ОН денеска ја предупреди руската војска дека нејзините акции во Украина за време на војната што започна на 24 февруари може да бидат воени злосторство и констатираа дека во земјата е „отфрлено почитувањето на хуманитарното право“.
– Во последните осум недели не само што беше игнорирано меѓународното хуманитарно право, туку и едноставно беше отфрлено – изјави високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Башеле.
На редовниот брифинг на Високиот комесаријат за човекови права на ОН во Женева, портпаролката Равина Шамдасани рече дека руските вооружени сили неселективно бомбардирале и гранатирале населени области, убивајќи цивили и уништувајќи болници, училишта и друга цивилна инфраструктура, во бројни акции кои би можеле да претставуваат воени злосторства.
– На крајот судот ќе одлучи, но има се повеќе докази дека се извршени воени злосторства – истакна таа.
Индиректно обвинувајќи ја Русија, Башеле рече дека она што беше видено во Краматорск, во зоната под контрола на украинската влада на 8 април, кога касетни бомби погодија железничка станица при што загинаа 60 цивили, а 111 беа повредени, е типично за непочитување на принципот за разликување на цивили и војници, забрана за спроведување неселективни напади и принципите на претпазливост содржани во меѓународното хуманитарно право.
Портпаролката на агенцијата на ОН не исклучи дека украинската страна исто така го прекршила хуманитарното право во некои случаи, но рече дека многу повеќе од тие прекршувања се припишуваат на руските сили, вклучувајќи убиства и случајни егзекуции.
Шамдасани додаде дека инспекторите на ОН на 9 април ги документирале убиствата, вклучително и егзекуции по кратка постапка, на 50 цивили во градот Буча во близина на Киев. Москва ги отфрла обвинувањата.