Освен на јавни површини, електрополначи ќе има пред фреквентни објекти како хотели, ресторани, шопинг-центри
Со поставување неколку станици за електрично полнење автомобили и електрични мопеди во Скопје, се чини и Македонија фаќа приклучок кон градењето инфраструктура за развој на електромобилноста. Емисијата на јаглерод диоксид на еден електромобил е нула проценти, што претставува директен придонес за почиста и поздрава животна средина. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, на подрачјето на Скопје се регистрирани вкупно 48 електрични возила од кои 24 се наоѓаат на подрачјето на општината Центар, 10 на општината Карпош, по четири возила во општините Чаир, Гази Баба и Кисела Вода и по едно возило има во општините Ѓорче Петров и Илинден. Според искуството на градската администрација на градот Скопје електричните автомобили се полнат со обичен приклучок 10 часа, а со посебен приклучок за 4 часа.
Изминативе денови граѓаните на неколку локации во градот Скопје забележаа како се поставуваат некакви уреди. Станува збор токму за вакви полначи за електрични автомобили, кои се дел од иницијативата, односно проектот за развој на „Електромобилноста со ЕВН“. Градот Скопје, во насока на промоција и стимулирање на користењето на овие возила, пред неколку години постави полначи за електрични возила во двете катни гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“, додека во текот на оваа година, во соработка со ЕВН вакви полначи беа поставени пред бараките на градот Скопје, како и на паркингот пред зоолошката градина. Како што нѐ информираат од градот во соработка со ЕВН имаат во план да постават 30 нови полначи за електрични автомобили. Од „ЕВН Македонија“, пак, предвидуваат да постават над 40 станици за полнење електрични возила на централни јавни локации во 17 града во Македонија.
– Во рамките на проектот за развој на електромобилноста, ЕВН во моментов поставува над 40 станици за полнење електрични возила на централни јавни локации во 17 града во Македонија. Во градот Скопје, поставени се повеќе полначи, кои покрај на јавни површини, достапни се и во фреквентни објекти како хотели, ресторани, шопинг-центри и слично – велат од „ЕВН Македонија“.
Оттаму информираат дека целта на проектот е да се создаде национална инфраструктура на станици на електрично полнење и тоа почна да се спроведува во градот Скопје. Освен на јавни површини, вакви електрополначи ќе има пред фреквентни објекти како хотели, ресторани, шопинг-центри. Крајната цел на овој проект е поширока адаптација на електромобилноста во Македонија, а секако и следење на глобалните трендови за создавање услови за користење на електричните возила.
Поради ограничувањата на моменталната технологија на електрични возила, без станици за полнење возилата од овој тип можат да издржат минимум 100 километри. Тоа значи дека долгите патувања со овие возила се практично невозможни. Во проектот се вклучени и општините и во моментов се гради инфраструктура за полначи низ целата држава за да се олесни тој пристап. Со развивањето мрежа на полначи, на сопствениците на електрични возила ќе им биде олеснето патувањето во земјава и од странство.
– Градот Скопје е првата локална самоуправа во Република Македонија што набави патнички автомобил на електричен погон (електромобил) за потребите на градската администрација. Со обичен приклучок возилото се полни околу 10 часа, а со посебен приклучок – за околу 4 часа. Целосното полнење на батеријата на евтина струја чини 67 денари. Она што е најважно е што емисијата на јаглерод диоксид е нула проценти со што директно придонесуваме за почиста и поздрава животна средина – велат од градот Скопје.
Затоа доколку граѓаните сакаат да имаат придонес за создавањето здрава животна средина со нула проценти загадување од јаглерод диоксид, тогаш ќе треба малку да почекаат за да ги наполнат своите електрични автомобили.
Заинтересираните сопственици на електрични возила доколку сакаат да ги користат полначите ќе мораат прво да се пријават за електронска картичка за користење на полначите на www.elektrodistribucija.mk,[email protected] или во инфоцентарот на ЕВН. Користењето на електричните полначите во период од една година ќе биде бесплатно за сите корисници.
Во иднина се предвидува понатамошно ширење на мрежата на електрични полначи за зголемување на бројот на електрични возила на македонските улици.