Кога сопствената земја те става на маргините, те третира како декор без никаква почит и достоинствена поддршка, очекувањата за реална квалитетна
ликовна сцена се утописки, вели сликарката и професорка, која по 16 години се претстави со самостојна изложба во Скопје
Мирослава Микица Трујкановиќ, сликарка
Очекувано, вашата самостојна изложба во МКЦ привлече големо внимание кај ликовната, но и кај театарската публика, бидејќи беше отворена за време на Младиот отворен театар. Дали бевте изненадена со оглед на фактот дека во Скопје последен пат самостојно се претставивте пред 16 години?
– Мој бил касметот ликовната и дел од театарската публика да ми се собрани во изложбениот простор на МКЦ. Сосема случајно се погодија термините, отворањето на МОТ се случи ден по отворањето на мојата изложба и сега, гледано од дистанца, полн погодок. МКЦ е фантастично место, кое пулсира постојано во името на сите уметности и секогаш има добра посетеност. Со години веќе ја имаме оваа функционална урбана градска галерија и многу ми е драго што по долга пауза самостојно се претставив токму тука. Во последно време луѓето се уморни од животот, ретко нешто нѐ раздвижува, возбудува. Свесна за тоа, апсолутно немав никакви очекувања во однос на реакциите кон моите дела, бидејќи, секако, се премногу лични. Ми беше битно во ова сеопшто лудило да си подариме една вечер со музика, добро вино, уметност и повторни средби со драги луѓе (што веќе станува ексклузивитет и реткост). Неочекувано, делата си најдоа некоја суперформа на комуникација со публиката. Многумина се препознаа во нив, доживувајќи ги со голема возбуда, што е исто така особено пријатно искуство. Изминатиов период се нижеа многу позитивни реакции, критики, се ширеше гласот помеѓу познати и непознати луѓе на моја голема радост. Презадоволна сум од отворањето и драго ми е што поставената агенда си доби убава форма. Најверојатно заемно сите сме си недостигале, јас, ликовната сцена и публиката.
Што собиравте во меѓувреме, енергија, инспирација, доволно финансиски средства, за по толку голема пауза да се претставите во градот во кој живеете, но и работите како професорка во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“?
– Иако пред скопјани се немав претставено со самостојна изложба долги години, јас за сиот овој изминат период континуирано бев активна на нашата сцена. А од вашето прашање, од сѐ по нешто се испреплете низ годините. Енергија имав, немав соодветен простор и услови за работа, задолжително инспирација, но можеби не и доволна концентрација за изградба на една целина искажана во изложба. Финансискиот момент е исто битен, бидејќи за реализација на една стегната, покриена изложба се потребни многу средства. Но, секако, во рамките на сето ова да го надоврзам и пресудниот фактор – слободното време. Најпосакуваната форма на битисување на секој сликар е да е слободен уметник, кој го диригира времето за свои потреби, да не зависи од никого, но тоа е речиси невозможна мисија кај нас. Ние немаме пазар за да можеме да си дозволиме да живееме од ликовната уметност, затоа неминовно е да се занимаваме и со дополнителни професии. За среќа, работам како професорка во единственото државно средно училиште за ликовна уметност и дизајн кај нас, па компензацијата на слободното време се дополнува повторно со уметност, овој пат само насочена кон нашите сакани ученици.
„Ода за тебе/или за љубовта“ е насловена оваа ваша изложба, а во пригодниот текст кураторката Ана Франговска, опишувајќи ве како „енергична и страсна сликарка“, потсетува дека по подолгата пауза од чистото сликарство (по одреден период интервенирање врз и инкорпорирање на дигиталниот печат и фотографијата во сликата), вие решивте да се вратите исклучиво и само на големото платно и бојата. Се чувствувате ли поспокојно во сегашната творечка фаза и како ја дефинирате?
– Енергијата и стилот се проткајуваа низ сите овие години, во која комбинирана техника и да работев. Овој пат се одлучив да се вратам кон класичните сликарски техники, да вратам еден стар долг кон себеси и кон неколкуте поддржувачи на мојата уметност што инсистираа да се вратам кон цртежот и бојата. Самото творештво е глад, желба за дефинирање на нешто што долго тлеело и чекало да ја добие својата вистинска форма. Подолг период сум фасцинирана од големите формати, тоа беше појдовната точка и концепт за изложбата. Процесот на творење, како чинот на акционото сликарство, движечката игра, гестикулациите и фиксирањето на мигот, во случајов е паралелно долго осмислуван. Тие се лично копирање на миговните состојби што ми се тетеравеа помеѓу љубовта, страста, немирот и разумот.
Неминовно е да си искрен со себе, ако сакаш да добиеш вистинска приказна во делото, која, ете, си го најде патот до публиката. Така, јас интимно и јавно се исповедав, смирив и „врамив“ еден животен период. Ако треба низ збор да ги дефинирам последните дела нека биде транспарентност и леснотија, слика за мене, за едно блиско минато што трае сѐ уште.
Како наградувана сликарка, сметате ли дека имате добиено доволна поддршка од државата за учество на ликовни настани во Македонија и во странство и каде сѐ во изминатите 16 години ги создававте и презентиравте вашите дела?
– Како што се нижеа години така се нижеа и моите километри по светов. Имав можност да ја претставувам својата земја, секогаш под уставното име, во Обединетите Арапски Емирати, САД, Египет, Тунис, Кипар, Велс, Полска, Франција, Австрија, Италија, Турција, Словенија, по должината на целиот Балкан. Наедно редовно се презентирав и на групните изложби во нашата земја. Кога те застапува институција, на пример музеј, галерија, или кога си дел од нечиј кураторски проект, поголемиот дел од трошоците е покриен. Но, за жал, таквите излагања и проекти се многу ретки. Поголемиот дел презентации се минимално поддржани и претежно сѐ се сведува на самофинансирање, што е многу тешко издржливо за секој уметник. Сум била поканувана на многу проекти, самостојни излагања, но знаејќи ја потребната финансиска конструкција за нивната реализација, многупати се имам повлекувано и откажувано. Тоа е вистинска немоќ. Поради тие причини многу квалитетни луѓе се имаат откажано од својот повик, многу добри идеи за дела остануваат нереализирани. И многу често заради финансиски компромиси и да се биде присутен по секоја цена, ликовната сцена понекогаш ни изгледа анемично, импровизирано. Опстојувањето кај нас како автор е донкихотовски обид во континуитет. Во име на ова, сметам дека нам, на ликовњаците, треба да ни следува повластен стаж за истрајноста, не откажувањето и тврдоглавоста во опстојувањето како уметници на ова тло. Како личен пример, во изминативе месеци имав непријатно искуство со нашето „културно министерство“, каде што, надвор од годишниот конкурс, по шеснаесет години побарав најминимални средства за дореализација на самостојната изложба. Двапати бев одбиена. Реално, сите се надевавме и верувавме дека некои закржлавени проблематики, политики ќе се сменат. Дека ќе се има увид за секој уметник, автор, дека ќе постои здрава идејна, квалитетна реконструкција на нашата ликовна сцена во сите сегменти. Но вистината е разочарувачка. Некако сите ја чувствуваме комплетната дезориентираност на одредени сектори, чест на исклучоци. Кланови, реваншизми, политички игри и пазарења, непрофесионалност што води кон „глумење“ ликовна стратегија и напредок, а всушност се сведува на комплетна нефункционалност, што, секако, најмногу ѐ погодува нас – творците.
Со секое свое враќање дома по средби со уметници, куратори, галеристи од светот, претпоставувам имате нови сознанија за ликовната и визуелната реалност во Македонија. Па, каде сме сега според вашите последни перцепции?
– Отсекогаш мојот став е дека Македонија има добри ликовни уметници. Ние немаме проблем со креативност и идеја, можеме да парираме секаде во светот, ние имаме проблем со цела логика и стратегија за уметноста воопшто. Кога тебе сопствената земја те става на маргините, те третира како декор без никаква почит и достоинствена поддршка, очекувањата за реална квалитетна ликовна сцена се утописки. Неедуциран народ, дупки во образовниот систем, континуирано медиумско слепило за култура, политизирани културни институции со „професионалци“ на секакви позиции, амбис.
И со секое враќање дома поразително е чувството да си попочитуван надвор отколку во својата земја. Поразително е да си сведок колку некаде се вложува во културата, а колку кај нас сѐ што вреди, незаинтересирано, но наметливо се уништува.
Речиси десет години на средношколци им пренесувате знаења за уметноста, за креативната слобода во време кога во Македонија се случуваат реформи во образовниот систем, во политиката, кога вложувањето во уметноста и културата не се смета за голема доблест. Кои ви се најтешките лекции во комуникацијата со учениците, но и со себеси, во дефинирањето на смислата за таков вид егзистирање во суровиот капиталистички свет?
– Во старт се обидувам да им објаснам дека со самиот чин што одбрале да се занимаваат со оваа професија се посебни, уникатни личности. Тежнеам да им ја вкоренам љубовта кон културата и творештвото, притоа искористувајќи го максимално нивниот креативен капацитет со истрајност и посветеност. Ги учам да се добронамерно критични, самокритични. Квалитетот што го поседуваат дека мора континуирано да се надградува и усовршува за да стигнат до своите цели, користејќи ги сите капацитети на младоста. Посакувам да знаат да слушаат, селектираат и секогаш да имаат свој изграден издржан став. Но некако во последно време кај младите луѓе лебди некоја летаргичност, незаинтересираност, затвореност, ограниченост… Но никогаш не ги обвинувам учениците, чинам дека им сервираме толку нездраво општество со многу лоши, изместени вредности во сите пори на постоењето. Колку и да сакам да ги заштитам, „инфицираноста“ од неефективните реформи ги демне и нив и нас. Тоа ми се најтешките моменти, кога се трудам да ги разбудам, разубедам, освестам за нивната вредност како поединци со личната моќ на дејствување. Да им вродам верба и надеж за подобро утре, притоа никогаш да не се откажат од креативната и лична слобода по ниедна цена…