Кога минатиот петок избувна пожарот во фабриката „Треска“ во Скопје
Доказ дека децата секогаш реагираат на вистинскиот начин, со желба да помогнат и да направат некое добро дело, е она што во петокот го направија трите сестри Катја, Тамара и Моника Велков, ученички во основното училиште „Војдан Чернодрински“ во Скопје.
Во моментот кога избувна пожарот во кругот на фабриката „Треска“ во Скопје, тие веднаш кога го забележале густиот црн чад, кој се извишуваше на небото, па за миг со трчање отишле до блиската противпожарна единица, која се наоѓа во близината на маркетот „Веро“ во скопската населба Тафталиџе.
Ете, колку малку е потребно да се направи добро дело и им упатуваме искрени честитки за брзата и навремена реакција.
– Јас, Тамара и Моника во тој миг излегувавме од маркетот „Веро“ и кога го забележавме чадот, со трчање отидовме до противпожарната единица во близина. Почнавме да викаме: „Нешто гори, нешто гори“, по што пожарникарите веднаш излегоа од нивните простории да видат што се случува. Само за неколку минути влегоа во две противпожарни возила и се упатија кон местото на пожарот – велат храбрите девојчиња.
Тие ни рекоа дека најпрво помислиле дека пожарот е уште поблиску и се уплашиле да не има поголеми последици. За среќа, на пожарникарите од оваа единица им се приклучија уште десетина возила од други скопски општини и пожарот беше изгаснат, а повредни немаше, освен што беше причинета материјална штета.
Катја, Тамара и Моника, ученички во осмо, односно во шесто одделение, ни рекоа дека е убаво чувството кога ќе направиш некое добро дело и ветија дека и во иднина ќе се трудат да помагаат секаде каде што ќе можат.
– Да се подаде рака во тежок миг е најубавата доблест на човекот, па затоа драги другарчиња, ајде сите да го сториме тоа – порачуваат сестричките Велков.
М.Т.