Поголемиот број од нив престојува кај роднини и пријатели, но има и неколку случаи што користат и изнајмени станови. Најголемиот дел украински бегалци се сместени во Скопје. Во другите градови, бројот на Украинци изнесува од три до десет лица, нѐ информираа од Црвениот крст на Македонија
Бегалци во Македонија: бројна состојба, околности, услови…
Бројот на бегалците од Украина што привремено најдоа прибежиште во Македонија се зголемил во споредба од почетокот на руско-украинскиот воен конфликт. Моментално во нашата земја престојуваат 199 украински државјани. Во првите денови по ескалацијата на војната во Украина, во нашата земја пристигнаа педесет украински граѓани. Поголемиот број од нив престојува кај роднини и пријатели, но има и неколку случаи што користат и изнајмени станови. Најголемиот дел украински бегалци се сместени во Скопје. Во другите градови бројот на Украинци изнесува од три до десет лица, нѐ информираа од Црвениот крст на Македонија.
– Повеќето бегалци од Украина се жени и деца. Околу две третини од нив се сместени во Скопје, но има и лица што се сместени во други градови. Засега нема бегалци што се сместени во македонските прифатни центри. Но сите бегалци што се регистрирани добиваат соодветна хуманитарна помош, која содржи храна, хигиенски средства, лекови и друг потребен материјал – ни изјави Сузана Тунева Пауновска, генерална секретарка на Црвениот крст на градската организација во Скопје.
Во однос на бегалците од Авганистан, нивниот број е во опаѓање. Моментално во Македонија престојуваат околу 300 лица. По паѓањето на регуларната влада во Авганистан и преземањето на власта од талибанските сили, нашата земја во рамките на меѓународната акција прифати околу седумстотини бегалци. За нив беше обезбедено хотелско сместување и до крајот на јуни се очекува сите бегалци да ја напуштат земјата, поради спроведувањето на програмата за трајно иселување. Авганистанските бегалци ќе бидат преземени од властите во Канада.
– Намалување има и кај мигрантите и бегалците од азиските и арапските земји. Во прифатните центри престојуваат 1.991 лице и тоа е состојбата за периодот од јануари-март годинава. Споредено со минатата година, има намалување на бројот на овие бегалци. Не може да кажеме дека мигрантскиот бран е целосно запрен, но секако дека е намален интензитетот на нови мигранти што самоиницијативно се обидуваат да пристигнат во западноевропските земји – вели Сузана Тунева Пауновска.
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук-профил информира дека во првите два месеца од 2022 година е забележан тренд на намалување на обидите за илегални преминувања во Северна Македонија.
Во првите два месеца од 2022 година забележуваме тренд на намалување за 27 отсто на обидите за илегални преминувања во Македонија. Граничната полиција успешно се справува преку превенирање и навремени интервенции: спречени се 1.439 обиди, од нив во февруари – 764, а во јануари – 675 обиди. Дури 77 отсто од обидите се спречени на границата со Грција, или 1.119 обиди, 280 на границата со Србија, 28 на границата со Албанија, 10 на границата со Косово и 2 на границата со Бугарија.
Во однос на земјите на потекло на спречените мигранти, доминираат Пакистан со 351 мигрант, Сирија со 236 и Индија со 211 мигранти – информира министерот Спасовски.
Но, како што нагласи тој, се забележува тренд на зголемување на бројот на откриени случаи на шверцување мигранти, откриени се 16 случаи на шверцување на 150 мигранти. Како што информира Спасовски, полицијата продолжува со ефикасната и ефективна борба против илегалната миграција и шверцувањето мигранти.
Ескалацијата на конфликтот во Украина предизвика цивилни жртви и уништување на цивилната инфраструктура, принудувајќи ги луѓето да ги напуштат своите домови, барајќи безбедност, заштита и помош. Во првите пет недели, повеќе од четири милиони бегалци од Украина преминаа во соседните земји, а многу повеќе беа принудени да се раселат во земјата, информираат од УНХЦР во Украина. Според состојбата од 10 април, од Украина од почетокот на војната заминале над 4,5 милиони лица. Повеќето од нив заминале во соседните земји Полска (2,6 милиони), Романија (над 692 илјади), Унгарија, Молдавија, Словачка, Руската Федерација и во Белорусија. М.Ј.