Рускиот генерал Александар Дворников (60) назначен од претседателот Владимир Путин да ги предводи обидите за напредок на воените дејствија во Украина имаше важна улога во сириската војна, пишува британски „Гардијан“.
Искусниот Дворников се смета за генерал од „старата школа“ обучуван според доктрините на армијата на СССР, што напредувал во службата уште од 1982 година.
Тој се борел за време на втората војна во Чеченија, заземајќи неколку водечки позиции пред да биде назначен за предводење на руските трупи во Сирија.
Управувањето со руските сили го презема генерал со воено искуство од сириското боиште?
– Дворников беше испратен од Путин во септември 2015 година на итна мисија за стабилизирање на силите на сирискиот режим, за кои Техеран и Москва сметаа дека се на работ на пораз – пишува британскиот весник.
Одлуката за воспоставување на ново водство на боиштето во Украина уследи откако се верува оти Русија се подготвува за нов напор за проширување на контролата во регионот Донбас.
Руската армија ја реорганизира командата на своите операции во Украина, па управувањето со руските сили го презема искусен генерал кој поминал многу време на боиштето во Сирија, објави „Би-би-си“ повикувајќи се на изјави на анонимен западен претставник.
– Во Сирија, Дворников брзо воспостави воздушна база на североистокот, откаде што руските воени авиони делуваа во Идлиб. Падот на вториот најголем сириски град Алепо во голема мера се должеше на руските воздушни напади – се наведува во анализата на „Гардијан“.
Дворников е одговорен и за руската акција против Исламската држава на истокот на Сирија. Дворников е награден со медалот за херој на Русија од страна на Путин за заслугите за руската кампања во Сирија, која се смета за успех на Путин.