Елена Вангеловска, костимографка

Елена Вангеловска e костимографка и модна дизајнерка. Средното образование го завршува во училиштето за ликовна и применета уметност „Лазар Личеноски“. Високото образование го продолжува на Националната ликовна академија во Софија, каде што и магистрира, со изработка на костимите за драмата „Мизантроп“ од Молиер. Има работено костими за повеќе претстави, меѓу кои се: „Авантурите на Аладин“ во режија на Бојан Трифуновски, „Херои“ на Деан Дамјановски, „Луди за љубов“ на Деан Дамјановски, „Рекламна бајка“ на Русомир Богдановски, „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Зоја Бузалковска, „Мизантроп“ на Драгана Милошевски Pопова, „Среќна Нова година“ во режија на Бојан Трифуновски и многу други.

Каков е предизвикот да се создаде костим за одреден лик во театарска сцена?
– Слободата во создавањето на ликот и неговата индивидуалност и карактер и самото создавање на костимот за тој лик се доволен предизвик да се започне секој нов процес за создавање што мора да испраќа одредена порака. Трансформацијата на ликот се движи од самата замисла на авторот, која се поставува на цртеж, односно се изработува илустрација, а на крајот доаѓа процесот на кроење и шиење. Костимот е важен детаљ од создавањето на ликот на актерот. Тој или ќе ви помогне да ја создадете улогата или ќе ви одмогне, доколку е несоодветен. Инспирацијата ја барам секаде, стручна литература, книги, изложби, сѐ што може да ми помогне во градењето на ликот во конкретната проблематика.

Кои драми, сценарија, ликови или дизајни на костими најсилно ја распламтуваат вашата инспирација?
– Детските театарски претстави секогаш се мотив повеќе, односно поголем предизвик поради искрените емоции и пристапот на децата. Децата ја примаат пораката преку симболите, во суштина најтешкиот и најквалитетен пристап кон театарот се базира на симболиката и знаковниот театар уште од времето на играта на сенки, преку пантомимата, па до најсложените театарски поставки. Да успеете да ја креирате детската фантазија како целина преку костим е и најтешкиот и најголем предизвик за мене.

Костимографијата не се грижи за трендовите, таа се води по други теркови… Што ве води вас во создавањето на дизајнот?
– Мојот став е дека костимографот треба да ги следи сите типови уметност, сепак костимографијата мора да биде независна од сите трендови, таа мора да биде автентична и да ја следи својата приказна во релација со замислата на режисерот и драмата во целина.

Кога станува збор за продукција, на колку претстави се потпишувате како костимографка?
– Секогаш ми е поважно каде го ставам мојот потпис отколку на колку претстави се потпишувам, но секако дека сум задоволна со сите мои досегашни наслови, бидејќи сите оставиле траен белег и добиле значајни позитивни критики, признанија што за мене се потврда да продолжам да работам со уште посилно темпо. Паралелно со костимографијата, долги години работам и како професорка по илустрација и група предмети на факултетите за моден дизајн, а во моментот веќе подолг период сум ангажирана како професорка во институтот за мода „Изет Цури“ во Скопје.

Тешко ли е костимографски актерот да се трансформира во ликот?
– Не е тешко, но е голем предизвик, тука е убавината. Театарот е паралелен свет, поубав универзум, во кој работат декоратери, суфлери, испициенти, столари, шминкери, тон и светло-мајстори, глумци, режисери, сценографи. Сета таа игра и соработка се една убава магија што го оживува делото. Среќна сум кога со костимот му помагам на актерот уште повеќе да го продлабочи карактерот во кој треба да се трансформира и тоа да ѝ го пренесеме на публиката.

Какво место има костимографијата кај нас?
– Костимографијата на нашата театарска сцена сѐ уште го нема добиено своето место на пиедесталот, секако дека имаме одлични костимографи што се навистина мотивирани и воодушевуваат. За жал, не може да се одбегне и фактот дека во театарот и во филмската индустрија сѐ помалку се бара квалитетот на авторството и целокупната продукција, таа често се потпира на плагијат и комерцијални решенија. Сметам дека костимографијата заслужува внимание, професионализам и сериозен пристап.

На што сте ангажирана периодов?
– Неодамна завршија успешно театарските подготовки во Театарот за деца и младинци, се потпишав како автор на двете театарски претстави „Супербајкастично“ и „Лажеш, Мелита“. Една од последните претстави беше и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Драмскиот театар-Скопје, каде што работевме заедно со мојот драг колега Раде Василев. Оваа прекрасна претстава испраќа силна порака против предрасудите кон лицата со аутизам. Во почетна фаза сме на реализација и на нов театарски проект, копродукција по текст на Ежен Јонеско.