Светската фудбалска федерација (ФИФА) планира да го ограничи бројот на играчи што клубовите ќе можат да ги позајмуваат секоја сезона (најмногу на шест) за да ги спречи да „складираат“ таленти.
Новата регулатива може многу да влијае врз, на пример, Челси, кој сезонава има дури 40 играчи на заем. Но од лондонскиот клуб истакнуваат: „Ние не испраќаме играчи на заем за да си ги вратиме вложените пари, туку затоа што сакаме тие да играат и да се развиваат“.
Планирано е драстично зголемување на т.н. солидарна исплата на помалите клубови и лиги што создаваат квалитетни млади играчи, кои потоа заминуваат во клубови од други земји.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, претходно изјави дека е „загрижен поради огромната сума што истекува надвор од фудбалската индустрија и оти се надева дека со новите мерки ќе се подобри транспарентноста на трансфер-системот“.
– Ги седнавме сите заинтересирани страни на маса и сите клучни актери од индустријата сфатија дека треба да преземеме акција. Ова е значаен прв чекор кон постигнување поголема транспарентност и ефикасно спроведување на правилата. Веруваме дека мерките ќе донесат милиони евра за солидарна исплата на клубовите и оти ќе се постигне консензус за тоа како да се справиме со заемите на играчите и со други аспекти во трансфер-системот – вели Инфантино.